Formula 1: MCL36 e адутот на McLaren за 2022
Даниел Рикиардо и Ландо Норис го претставија новиот тимски болид на McLaren за претстојната сезона во Formula 1.
Тоа беше презентација на дури четири програми во кои оваа година се бори тимот на McLaren. Покрај Formula 1, тука се и Extreme E (McLaren XE), McLaren Shadow во e-sports категорија како и IndyCar (Arrow McLaren), чија презентација можеше да се проследи со пренос од Индијанаполис.
„На чело со Андреас Сеидл, нашиот Formula 1 тим продолжува да прави голем напредок од година во година, а оваа нова ера на правила е вистинската можност за нас. Како што влегуваме во 2022 година, сакаме да продолжиме да работиме на тој напредок и дополнително да го намалиме јазот зад тимовите кои досега беа пред нас“, вели Зак Браун.
Џејмс Ки, техничкиот директор на McLaren, вели дека неговиот тим може да биде горд на претставувањето на новиот болид:
„Тоа е болидот што ќе го донесеме во Барселона. Да, сокривме неколку делови од очигледни причини, постојат некои чувствителни области, но сето тоа ќе се види кога Ландо и Даниел ќе излезат на патеката“.
Даниел Рикиардо влегува во својата 12-та сезона во шампионатот, втора со британскиот тим.
„Formula 1 отсекогаш била базирана на перформанси, што е примарна цел. Многу сум задоволен од болидот, дури и пред да излезам на патеката, изгледа добро“. вели Рикиардо.
Минатата сезона во првиот дел Австралиецот беше во сенка на својот тимски колега, но во втората половина од годината успеа да се подобри, кога дојде и победата на Големата награда на Италија.
„Мојата цел не е да го надминам Ландо на патеката, туку да се претставам како лидер. Ова е мојата 12-та сезона во Formula 1, па сакам да му помогнам на тимот со моето искуство“, додава Рикиардо.
Ландо Норис е задоволен од тоа како работел тимот во текот на минатата година и зимата, бидејќи и самиот дал многу фидбек за различни делови.
„Го обожавам. Боите се прекрасни, а дизајнот е сличен на она што го возевме минатата сезона. Штета што не можете да го видите бројот 3 на автомобилот (прикажаниот модел е само број 4), бидејќи изгледа многу подобро :). Сè друго е одлично“.
„Целта е да ја започнеме сезоната најдобро што можеме, да не речам онака како што ја завршивме минатата, бидејќи тоа не беше баш најдобро. Успеавме да поправиме многу области, но ќе треба да почекаме да знаеме каде стоиме во однос на другите. Работевме напорно, но имаме многу непознати, па времето ќе покаже“, додава младиот Норис кој само пред неколку дена потпиша нов договор со McLaren.