За Хамилтон ова беше не само 94. победа во кариерата, 10. во сезоната, туку и победа со која стави точка на прашањето за новиот шампион

Британецот по седми пат е светски шампион со што се изедначи по бројот на титули со големиот Михаел Шумахер. Серхио Перез со Racing Point заврши на второто место, пред Себастијан Фетел кој конечно по многу лоши трки извозе одлично и го зазеде последното место на подиумот. За промена, комплетниот тим на Ferrari имаше фантастична трка. Во интересно и драматично финале, Себастијан Фетел го престигна својот тимски колега Леклерк кој заврши четврти, со што тимот од Маранело дојде и до најдобриот тимски резултат оваа сезона.

Карлос Саинц (McLaren) заврши како петти, пред двоецот на Red Bull, Макс Верстапен и Александар Албон. Во бодови завршија и Ландо Норис (McLaren), Ленс Строл (Racing Point) и Даниел Рикиардо (Renault).

Ферстапен во еден момент од трката имаше сè во свои раце и можеше многу лесно да го нападне првото место, но направи голема грешка, се заврте и целосно застана, што во крајна линија го чинеше висок пласман.

Возачите на Racing Point, Перез и Строл, долго време беа на првото и второто место, но Строл по втората промена на гумите постојано паѓаше во поредокот.

Кими Раикен заврши само на 15. место, а Валтери Ботас извозе за неговиот рејтинг срамна трка и му дозволи на Хамилтон да го престигне цел круг, завршувајќи на 14-тото место.

На стартот голема конфузија – со мал судир, лош старт на Ферстапен и мачење на Хамилтон.

Ботас беше жртва на помал судир на самиот старт, по што падна во поредокот, а „розовите Mercedes-и“ на Racing Point набргу избија на првите две места.

По само осум круга, Ferrari реагираше со промена од гуми за дожд во интермедија, а веднаш потоа и Mercedes и сите останати го сторија истото.

Во 16-та рунда Хамилтон повторно погреши и падна на шестото место, зад Албон и Фетел, но за кратко време, неговата грешка падна во сенка на онаа на Ферстапен. Младиот возач на Red Bull се сврте за 360 степени и застана во место, иако во тоа време имаше исклучителна трка зад себе.

Клучниот момент во трката се случи во 37. круг, кога Луис изби на првото место, откако Строл отиде на боксот, а Британецот лесно го обиколи Перез.

Строл продолжи да паѓа, а Леклерк, кој трката ја започна од задните редови, продолжи да напредува и со молскавична брзина се искачуваше во поредокот.

Хамилтон влезе во неговиот добро познат ритам и сега, кога немаше никој пред себе, постојано го подобруваше своето најдобро време.

Драмата која се наслутуваше, што поради најавата на силен дожд што поради перформансите на двата болида на Ferrari, се случи во последните метри од последниот круг, кога Леклер го мина Перез и се најде на второто место. Сепак, по голема грешка го загуби второто, но и третото место, на кое дојде Фетел која ја искористи ситуацијата и рутинирано ја зграби шансата која му се пружи.

Се на се, возачите имаа големи проблеми со лизгавата и влажна патека во Истанбул парк, што во крајна линија донесе интересна и возбудлива трка со многу пресврти и што е најважно показател колку еден болид, може различно да се однесува во однос на перформансите кога е сетиран за влажна подлога и кога истата е сува. Ова особено се однесува на Строл, додека Хамилтон уште еднаш покажа дека не случајно е таму каде што е – искусно, со вистинска стратегија, возачко знаење и трпеливост го извозе патот до седмата шампионска титула.

Резултати:

2020 Turkish Grand Prix: Race Highlights

Следната трка се вози во Бахреин на 29. ноември.

Loading...