Луис Хамилтон во Mercedes го постигна најбрзото време на првиот ден од тестирањата, кои генерално протекоа мирно и без поголеми инциденти

Со три десетинки заостанување зад тимскиот колега денот го заврши Валтери Ботас, кој ја одработи „утринската смена“ за тимот од Брекли. Многу блиску до него заврши Серхио Перез во болидот на Racing Point кој барем на првиот ден се покажа како многу добар.

Макс Верстапен во Red Bull со 160 одработени кругови и неколку извртувања во последниот сектор заврши на четвртото место, а со исто толку кругови зад него денот го заокружи Карлос Саинз во болидот на McLaren.

Освен извртувањето на Верстапен, немаше поголеми изненадувања или инциденти. Треба да се одбележи прилично слабиот старт на тестирањата за Ferrari, кој заврши прилично ниско во пласманот.

Естебан Окон за прв пат возеше со болидот на Renault, а неговите први впечатоци се позитивни, барем според неговите изјави. Новајлијата во болидот на Williams на патеката ја одработи „втората смена“, а треба да се напомене дека оваа година болидот на Williams прв се појави на патеката за разлика од минатогодишната катастрофа и каснењето со подготовките на болидот за првите тестирања.

Како изгледаше првиот ден од тестирањата во Барселона може да погледнете во приложеното видео.