Солиден и прилично добро опремен урбан кросовер за достапна цена

По премиерата на локалниот пазар во 2016 година, KUV100 со својот тренди дизајн наменет пред се за младата клиентела, стана најпродаваниот патнички автомобил во гамата на Mahindra. И покрај тоа, квалитетот беше она што му недостасуваше. Но тоа е така се до неодамна кога индиската фирма воведе бројни промени во својата популарна линија KUV (Kool Utility Vehicle). Со додатокот Nxt, моделот добил значителни естетски промени, нови додатоци, функции…, а благодарение на увозникот за Македонија, компанијата БД Интеркар, добивме можност и да се подружиме со овој мал урбан кросовер.

Верзијата G80 K8 која ја имавме на тест и која на наше изненадување предизвика солиден интерес кај многумина случајни минувачи и учесници во сообраќајот, вклучува нова интерпретација на решетката на ладилникот, исполнета со вертикални хромирани летвички кои навлегуваат во редизајнираниот преден браник, а кои на остро стилизираниот кросовер му даваат уште покарактеристичен изглед. Тука се и предните светла со две комори (дополнети со дневни светла во форма на бумеранг), предни и задни светла за магла, интегриран заден спојлер… Бидејќи во случајов станува збор за врвната верзија во линијата, 14-инчните алуминиумски тркала од претходната верзија пред рестилизација се заменети со 15-инчни. Се на се, интересен и впечатлив стилски пакет. Впрочем зад него стои дизајнерската куќа Pinifarina која од 2015 година за околу 168 милиони евра премина во сопствеништво на Mahindra Group. 

Сепак, она што најмногу го разликува G80 K8 од другите модели во линијата е неговиот ажуриран ентериер. Предводникот во линијата има нов седум-инчен екран за инфо-забавниот систем чувствителен на допир опремен со Bluetooth 4.0 конекција, интегрирана навигација, патен компјутер, функција за поврзување со паметните телефони. Ако треба да го опишеме би рекле функционален и едноставен за употреба. Климатизацијата е исто така стандардна и работи сосема добро.  

Приоритет на индиските техничари бил да овозможат доволно простор за патниците што донекаде и успеале. Но за 4 лица, а не пет како што е предвидено. Како и да е, напред, просторот за главата е прилично дарежлив, па дури и за повисоки патници. Со оглед на компактните димензии на KUV100 Nxt (должина 3.700 mm,  ширина 1.727 mm и висина 1.655 mm), просторот за нозете на патниците на задната клупа е релативно комотен, но тоа резултира со мал багажен капацитет од само 128 литри. Секако истиот може да биде зголемен до 960 литри со преклопување на задните седишта.

Неколку збора и за системите за асистенција вклучени во пакетот. Тука се задните паркинг сензори кои се секако од помош, кога треба да маневрирате во тесен простор за паркирање, потоа ABS+EBD (електронска контрола на сопирачките), ESP+TCS (систем против пролизгување), Hill hold и Hill Desscent (помош при угорнина и надолнина)… Се на се солидно пакување.

Бензинскиот мотор mFalcon G80 (непроменет од верзијата пред рестилизација) и во пар со старт/стоп системот за безклучно стартување, произведува 87 КС (61 kW) и 115 Nm вртежен момент. Перформансите на 1.2-литарскиот 3-цилиндерски неможеме да кажеме дека се импресионирачки, но секако не и дека сме разочарани. Се разбира кој што очекува, но за возило кое пред се е наменето за урбани средини, можеби и сосема доволно. Сепак кога сте на автопат, треба добро да ги предвидите сите ситуации ако се впуштате во престигнување. Иако на отворено и при поголема брзина имате чувство дека дека се ниша, возилото сепак не покажува знаци на несигурност и нестабилност. Мора да напоменеме дека суспензијата на малиот кросовер, сосема солидно ги апсорбира неправилностите на патот кои барем кај нас ги има во изобилие.

Менувачот, кој сè наоѓа веднаш до воланот (несвојствено за денешните модерни автомобили, но не и непрактично), е прилично лесен за употреба и за него имаме само позитивно мислење. Истото се однесува и на управувачот.

Кога станува збор за потрошувачката на гориво, она што ние го постигнавме е просечно 7,1 l / 100 km што воопшто не е лошо. Ако се земе во предвид малата литража на резервоарот за гориво од 35-литри резервоар за гориво, К8 може да помине околу 500 километри пред да морате повторно да го наполните резервоарот.

Сосема на крајот, ако говориме како пакет, Mahindra KUV100 Nxt e практичен избор за градско возило кое со леснотија може да се управува во градскиот метеж, особено кога на тоа ќе се додаде мноштвото на стандардни функции, добар менувач, сосема пристојно дизајниран и опремен салон и се разбира привлечна цена за оние кои сакаат ново возило, но неможат премногу длабоко да брцнат во џебот. А таа е само 9.990 евра за базниот модел, односно 11.990 евра за тестираниот модел.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1AoPDXkfB3UcexSKqfm5jB82xV3otGRe1″ mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

За повеќе информации и тест возење обратете се во салонот на БД Интеркар, застапникот за возилата на Mahindra за Македонија или на телефон 02 317 5262.