Од првата стартна позиција на овогодинешното ГП на Франција, осма трка во календарот на Formula 1, ќе стартува Луис Хамилтон во Mercedes, а веднаш до него во првиот стартен ред ќе биде неговиот тимски колега Валтери Ботас

Квалификациите всушност беа репетиција на она што се случуваше минатата година на истата оваа патека, кога Mercedes исто така доминираше и го обезбеди првиот стартен ред со ист распоред на силите.

До некаде очекувано, вториот стартен ред го обезбедија Чарлс Леклерк од Ferrari и Макс Вестерпен од Red Bull, додека еден од главните фаворити, Себастијан Фетел, разочара и постигна време доволно само за седмото место на стартот.

Одлични квалификации за McLaren, кој со двата болида влезе во завршницата, како доказ дека тимот полека но сигурно се враќа во врвот на овој спорт, онаму каде што и припаѓа. За жал на домашната публика, до Q3 од тимот на Renault стигна само Даниел Рикиардо. Најголемотo и најпријатно изненадување на квалификациите со пласман во Q3 беше Антонио Џовинаци од Alfa Romeo, a од друга страна разочарување беше тимот на Haas, чии возачи овој пат не беа ниту близу до пласман меѓу десетте најдобри.

Возачите во квалификациите ги пратеа многу високи температури, како на воздухот, така и на самата патека (на моменти дури и над 55°С), така да имаа проблеми со прегревање на гумите и сопирачките.

Неделната трка стартува во 15.10 часот по македонско време.

Loading...