Возачот на Mercedes, Луис Хамилтон, победи на трката за Големата награда на Франција и ја зголеми предноста во генералниот пласман

Актуелниот шампион, на патеката Paul Ricard стартуваше од пол-позицијата, ја поведе трката и на лидерската позиција останта се до крајот, давајќи им на сите до знаење дека на една третина од сезоната, тешко дека некој ќе може да го стигне и престигне, што пак само по себе укажува на неинтересна сезона кога станува збор за шампионската титула. За Хамилтон ова беше шеста сезонска победа и 79-та во кариерата.

По ГН на Франција, предноста на Луис Хамилтон пред Себастијан Фетел, кој во Франција заврши дури на петтото место, сега е 76 поени разлика.

До кој степен возачот на Mercedes е доминантен покажува и податокот дека тој е само 21 поен „пократок“ во споредба со максималните 208 поени досега.

Хамилтон ја заврши трката со 18 секунди предност пред тимскиот колега Валтери Ботас, кој е победник на двете останати трки од сезоната кои не ги доби Хамилтон, Австралија и Азербејџан. Со новите бодови, Финецот сега е најблизок пратител на Луис во генералниот пласман, кој сега заостанува зад него 36 поени.

Подиумот го комплетираше Чарл Леклер од Ferrari, додека четврти беше Макс Верстапен од Red Bull.

Можеби очајот на Ferrari најдобро го опишува повикот преку тимското радио за План Ф, кој требаше да го спроведе Себастијан Фетел. Не се знае кои се плановите А,Б,Ц, Д и Е, но планот Ф подразбираше преземање на бодот за најбрз круг во трката. Германецот, успеа во тоа, бидејќи на еден круг пред крајот, имајќи ја предвид предноста пред шестопласираниот на патеката, отиде во боксот по нов сет на гуми и во последниот круг го постигна најдоброто време во трка.

Ова беше дефинитивно една од оние трки кои не заслужуваат премногу коментар, од проста причина што и нема што да се коментира. Освен колку толку возбудливиот старт, би ги одбележиле и случувањата во последниот круг.

Леклерк се приближи до Ботас на само 0,440 секунди, но сепак премногу касно за нешто повеќе, а младиот Ландо Норис од McLaren, кој имаше хидраулички проблеми на болидот, се бореше да го сочува одличното седмо место. Се до тој последен круг Норис, со храбро возење и успеваше во тоа, но тогаш прво го претекна Рикиардо од Renault, а потоа и Раиконен (Alfa Romeo) и Хулкенберг (Renault), за само еден бод за Норис, но и „титулата“ возач на денот од F1 фановите.

Сепак по трката, поради неправилно претекнување и стекнување на предност, Рикиардо доби казнени поени од судиите, по што во поредокот на трката заврши на 11. место.

2019 French Grand Prix​:
Официјални резултати по трката

\

2019 French Grand Prix​:

Race Highlights

Следната трка од шампионатот се вози веќе следниот викенд на 30. Јуни за ГН на Австрија.