Себастијан Фетел после долго време се врати на врвот од победничкиот пиедестал (Спа, Белгија 2018 година) и славеше по петти пат во кариерата на ноќната трка за ГН на Сингапур

Уште една возбудлива трка од овогодинешниот шампионат во Formula 1 е зад нас. Пред викендот во Сингапур, малкумина веруваа дека Ferrari ќе може да му се спротивстави на Mercedes во трка како оваа по улиците на градот-држава која е и не е баш поволна за концептот на болидот од Маранело. Не само што успешно се спротивстави, туку и оствари феномален резултат. Прво Леклерк во саботните квалификации ја освои пол-позицијата, за да во неделната трка тимот стигне и до двојна победа. Очигледно унапредувањата на болидот пред трката (ново предно крило и под) донесоа одличен резултат.

Стартот на трката помина повеќе-помалку без проблеми. Водечките ги задржаа позициите, а единствениот инцидент се случи помеѓу Саинц и Хулкенберг. Карлос Саинц заработи оштетување на десното крило од својот болид по што мина дури 70 секунди во боксот во рана фаза од трката. За тоа време, Даниел Рикардо кој стартуваше од крајот на колоната, се пробиваше и после десет кругови веќе беше во игра за бодови. 

Леклерк ја поведе трката, но Хамилтон беше веднаш зад него не дозволувајќи му ниту еден момент да се опушти. Од друга страна и Британецот постојано беше под притисок на Фетел и Верстапен зад него.

Водечката четворка брзо се одвои, со минимална разлика помеѓу секој од нив. Со оглед на конфигурацијата на патеката, беше јасно дека промена на позициите може да донесе промената на гумите. Макс Ферстапен беше првиот што го повлече овој потег и се префрли на најтврдата компонента. Веќе во следниот круг и Фетел оди во бокс. По Фетел и Леклерк оди на промена на гумите, но на патеката се враќа зад клупскиот колега. Токму овој момент се покажа како пресуден на крајот од трката. 

Во Mercedes решиja да го остават Хамилтон на патеката уште неколку круга, надевајќи се на безбедносно возило што би овозможило по промената на гумите да остане во водство.

Тоа не се случи и Британецот на крајот мораше да влезе во боксот по нови гуми. Со оглед на тоа дека Хамилтон помина многу време на старите гуми, беше јасно дека на патеката ќе се врати зад возачите на Ferrari и Макс Верстапен, па дури и зад Ботас, доколку тимот не му наредеше на Финецот да вози побавен круг за Хамилтон да излезе пред него. 

Она на што се надеваа во Mercedes, се случи во 36-от круг кога Грожан предизвика судир со Расел. Возачот на Williams заврши во ѕидот, по што на патеката мораше да излезе безбедносното возило. Во тој момент, Фетел беше пред видно изнервираниот Леклерк, кој постојано бараше објаснување зошто Фетел бил прв повикан на промена на гумите. По нив следуваа Верстапен, Хамилтон, Ботас и Албон.

По рестартот на трката редоследот остана ист. Барем кога станува збор за водечките. Сепак, во средната и задниот дел од гридот се водеа сериозни битки. Renault се бореше со возачите на Haas, додека Racing Point со Toro Rosso… И тогаш повторно проблем и безбедносното возило повторно стапува на сцена. Болидот на Серхио Перез не издржа и тој мораше да застане.

По новиот рестарт, Леклерк продолжува да го притиска Фетел, Хамилтон да го напаѓа Верстапен. Во позадина повторно многу дуели. Некако како сите да возеа на работ кој го преминаа Раиконен и Квјат. Русинот го нападна Финецот одвнатре во првиот свиок, Кими удира во бодилот на Toro Rosso. По судирот Раиконен мораше да се повлече затоа што остана со скршена суспензија на предното лево тркало, така што безбедносното возило повторно е на патеката.

Овој пат тоа беше последното појавување на возилото за безбедност, а по новиот рестарт до крајот останаа уште само 10 круга. Фетел додаде гас и се одлепи од својот клупски колега, додека Хамилтон сè повеќе го притискаше Ферстапен. Сепак, на крајот остана како што беше и по последниот рестарт, а со тоа Ferrari успеа да стигне до прва двојна победа по Унгарското ГП во 2017 година. Последното место на подиумот го зазеде Ферстапен, а по него следуваа Хамилтон, Ботас, Албон, Норис, Гасли, Хулкенберг и Џовинаци.

2019 Singapore Grand Prix: Резултати



2019 Singapore Grand Prix: Race Highlights



2019 Singapore Grand Prix: Изјави по трката


Себастијан Фетел: „Почетокот на сезоната беше навистина тежок за нас, но последните неколку недели, навистина се вративме во живот!“

Чарлс Леклерк: „Секогаш е тешко да се изгуби победа како ова денес, но ние имаме 1-2 победа и јас сум среќен за тимот. Дојдовме овде со надеж за можеби подиум а заминуваме со 1-2, така што се е фантастично за нас “

Макс Ферстапен: „Секогаш ова е тешка трка, но излегување на крајот со Луис … ова беше добра вежба!“

Дали Mercedes ќе го врати ударот или Ferrari ќе успее да ја задржи предноста што ја има во моментов ќе може да се види веќе следниот викенд кога се вози трката за ГН на Русија.

Loading...