Фетел со понуда од Aston Martin
Себастијан Фетел наводно веќе добил понуда од Лоренс Строл следната сезона да настапува за тимот на Aston Martin
Информациите се од германските медиуми, вклучително и „Билд“ и „Скај Германија“. Веста доаѓа откако Хелмут Марко и Кристијан Хорнер изминатите две недели во Австрија во повеќе наврати рекоа дека за четирикратниот светски шампион нема место во Red Bull.
Всушност, идејата за враќање на Фетел во тимот со кој ги освои сите четири титули сè уште е во дискусија. Шпекулациите се засилија по средбата на Себастијан Фетел со Дитрих Матешиц минатата недела. Сепак, барем како што стојат работите во моментов, оваа опција е многу малку веројатна.
Од друга страна, познавачите го посочуваат Racing Point / Aston Martin како целосно реална опција за Фетел. Амбициите на Лоренс Строл со тимот се огромни. Наводно тој веќе разговарал со Себастијан и сега ја чека одлуката на германскиот спортист.
Поранешниот возач во Formula 1 и актуелен шеф на DTM, Герхард Бергер, верува дека договорот меѓу Aston Martin и Фетел е целосно можен.
„Кога нешто се дискутира во падокот, честопати значи дека договорот е веќе направен. Таквиот договор може да биде единствената алтернатива за него повтроно да почне да победува“, објаснува Бергер.
За Фетел, сепак треба да биде испразнето место во Aston Martin. Серхио Перез има клаузула во неговиот договор кој му овозможува на Racing Point порано раскинување на договорот. Клаузулата мора да се активира до 31 јули и мексиканскиот пилот би добил сериозен надомест.
Иднината на Фетел е меѓу најдискутираните теми во Formula 1. Кон средината на мај, тој и Ferrari најавија дека ќе се разделат на крајот od оваа сезона. Се сметаше дека McLaren и Renault се опциите за четирикратниот светски шампион. Но овие екипи ги претпочитаа Даниел Рикиардо и Фернандо Алонсо. За Фетел би било сериозен ризик да се надева на Red Bull, каде сакаат да го направат Макс Верстапен најмладиот шампион во историјата на Formula 1. Да чека да види дали сè уште има опција во Mercedes е исто така крајно неизвесно решение. Токму затоа опцијата Racing Point / Aston Martin се чини најверојатна.