Себастијан Фетел, неговиот Ferrari SF1000 и патеката Силверстон се чини никако да најдат заеднички јазик

По навистина лошиот изминат викенд, овој се чини уште е полош. Германецот го освои само 12-то место во квалификациите и вели дека тој едноставно останува без објаснувања.

Веќе е сосема јасно дека болидот на Ferrari не припаѓа во врвот на Formula 1. Сепак, Чарлс Леклерк некако успева да постигне солидни резултати, додека Себастијан Фетел заостанува значително зад својот тимски колега од викенд во викенд.

На петочниот втор тренинг на Германецот му откажа моторот во болидот, а на саботните квалификации доживеа уште едно разочарување. Настапот на Фетел заврши во вториот квалификациски круг со скоро четири десетинки заостанување зад Леклерк и конечна само 12-то место.

„Пробав сè што можам. Бев релативно задоволен со круговите. Направивме многу со болидот во однос на минатата недела, но очигледно тоа не донесе никаква разлика. Мислам дека сме прилично заглавени. Ќе се обидеме да се ресетираме, така што утре повторно ќе почнеме одново, тоа е сè што можеме да направиме. Ова е различно од вообичаеното, така да се каже. Не знам. Веќе немам одговори“, изјави Фетел по квалификациите, на прашањето како се чувствува со оглед дека и покрај сите напори, сè уште нема резултати.

Единствените добри квалификации на Фетел беа во Унгарија, кога беше петти. На двапати го освои десеттото место, а ова е втор пат оваа сезона воопшто да не влезе во К3. Една добра вест за него е казната за Естебан Окон за три места подоле во поредокот за старт на неделната трка.

„Јас сум секогаш оптимист и секогаш се обидувам да се ресетирам за да можам да имам подобар ден утре. Во споредба со минатата недела, мислам дека едноставно сме таму каде што сме. Не успеавме да направиме чекор напред и иако многу се обидовме на болидот. Ако барам позитивни работи, среќен сум со мојот круг. Направив сè што можам“, додава Германецот.

Стартната позиција на денешната трка насловена како 70th Anniversary Grand Prix 2020 (првата трка во Светскиот шампионат во Formula 1 е одржана токму на патеката Силверстоне во 1950 година),  е за Валтери Ботас пред Луис Хамилтон, изненадувањето на денот, Нико Хулкенберг, Макс Верстапен и Даниел Рикиардо. Почетокот на трката е закажан за 15 часот.

 

Loading...