Некогаш најголеми спонзори на Formula 1 тимовите  и авто-мото спортот генерално беа, тутунските компании, но тие времиња веќе се далеку зад нас

Formula 1 целосно го отфрли рекламирањето на тутунски производи од 2007 година, а тркачките патеки тоа го направија и неколку години порано. Сепак, тоа не спречи компании како Phillip Morris International (PMI), сопственик на познатата марка Marlboro, да продолжат да инвестираат во Ferrari и до ден денес.

Преку под-брендот Mission Winnow, кој е мистериозен огранок на PMI, а кој ги спонзорира Scuderia Ferrari и Ducati Corse, тутунскиот гигант е присутен на сите едноседи лансирани во Маранело од 2018 година, а тоа значи и новиот SF1000.

Меѓутоа, италијанската група за права на потрошувачите, Codacons, се закани дека ќе преземе правни мерки против Ferrari, тврдејќи дека компанијата промовира тутунски производи на нелегален начин.

Оваа непрофитна организација затоа бара заплена на болидот SF1000, како и секој друг производ на Ferrari на кој се наоѓа логото на Mission Winnow, вклучувајќи ги и комбинезоните на Себастијан Фетел и Чарлс Леклерк.

Наводно, оваа група за заштита на правата на потрошувачите има поддршка и од италијанското Министерство за здравство, па затоа побарало од огранокот на италијанската полиција задолжена за јавното здравство да го конфискува контроверзниот црвен болид.

„Со поддршка од министерството, ние ќе започнеме правна борба против Ferrari, поднесувајќи нова жалба до антимонополски органи и Министерството за здравство. Исто така, ќе побараме NAS да го конфискува новиот SF1000 претставен неодамна во Реџо Емилија“, вели Карло Риенци, претседател на Codacons.

NAS е скратеница за Nuceli Antisofisticazione e Sanita, полициско одделение кое во пракса навистина може да ги конфискува производите на Ferrari со логото на Mission Winnow.

Претсезонските тестирања започнуваат денес, 19 февруари, на патеката Каталунија во Барселона и ќе биде интересно да се види како ќе течат правните процедури во врска односно како ќе влијаат на работата на тимот на Ferrari.