Ferrari SF90 Spider – 1.000 „коњи“ и ветер во коса / ФОТО+ВИДЕО
Италијанскиот производител го претстави кабриолет изданието на хибридниот SF90 кое воедно е и првиот кабриолет со хибриден погон во гамата на Ferrari.
Како и купе верзијата, така и SF90 Spider располага со точно 1.000 КС и 900 Nm. Оваа моќност се добиива од вкупно четири единици. Една twin-turbo V8 единица и дури три електромотори. Така моделот има погон на сите тркала, а моќноста се пренесува преку 8степен автоматски менувач со двојна спојка.
Во однос на перформансите, брендот од Маранело посочува дека забрзувањето до „стотка“ е исто како и кај купе изданието, односно дека се потребни 2,5 секунди за спринт до стотка. Кабриолетот е малку побавен кога станува збор за спринт до 200 km/h за кој е потребно точно 7 секунди. Максималната брзина е 340 km/h.
Сепак, SF90 Spider e потежок од купе верзијата за 100 килограми. Поголемата тежина се должи на дополнителните арматури на каросеријата и механизмот за подигање / спуштање на покривот. Овој потентен кабриолет има вкупна тежина од 1.670 килограми.
Кога станува збор за ватрешноста промени споредено со купе изданието нема. Главната атракција е огромната дигитална табла со инструменти од дури 16 инчи каде што доаѓате до голем број информации. Импресивно е колку може да биде персонализиран приказот на податоците на овој дисплеј.
Од Ferrari наведуваат дека во понуда ќе биде и пакетот Asseto Fiorano, наменет за оние кои сакаат подобри перформанси на патеката. Овој трим носи нешто поразлична и потешка суспензија, но и „диета“ која симнува 21 килограм од прилично големата тежина на ова возило. Разбирливо е дека ова „слабеење“ се постигнува со употреба на јаглеродни влакна и титаниум. Asseto Fiorano донесува заден спојлер направен целосно од јаглеродни влакна. Опремен е со гуми Michelin Pilot Sport Cup 2.