Погонската единица на италијанскиот производител е моментално можеби најслабата алка на F1 гридот

Токму затоа, за што зборува и изјавата на шефот на тимот, Матија Биното, тимот од Маранело интензивно работи на развој на нов мотор кој ќе се користи следната година.

„Следната сезона ќе имаме неколку унапредувања. Меѓу нив е и моторот, на кој интензивно се работи. Нашата цел е да бидеме во подобра форма следната година“, вели Биното.

Оваа година ја опишува како исклучително тешка година за целиот тим, бидејќи SF1000 се покажа како многу неконкурентен, до толку што на одредени трки во квалификациите не стигна ниту до последниот дел.

„Следната година работите ќе бидат подобри. 2020 година е исклучително тешка сезона за нас. Тешко е од првиот ден, бидејќи имавме многу малку шанси да подобриме и да развиеме било што. Сè ќе биде поразлично од 2022 година. Ќе имаме нови болиди, нова шасија, нови правила и сите ќе започнат од нула. Никој не може да работи ништо на новиот проект до први јануари, па ќе биде возбудливо. Верувам дека оваа промена ќе го направи нашиот спорт посилен. 

„Ние во Ferrari дефинитивно ќе бидеме дел од тој нов почеток и едвај го чекаме“, вели Биното.