F1 тимовите лути поради тајниот договор помеѓу Ferrari и FIA
На последниот ден од тестирањата во Барселона, беше објавена веста дека двете страни склопиле одреден договор околу спецификацијата на погонската единица
Управното тело на FIA издаде соопштение дека заедно со Ferrari склопиле договор околу спецификацијата на нивната погонска единица. Одредени наводи укажуваат на тоа дека Италијанците интелигентно го контролирале протокот на гориво низ агрегатот и со тоа биле во можност да ја зголемат самата моќност на моторот. На тоа укажуваат и трите лански победи на Ferrari по летната пауза, а допринос во тоа има помоќниот мотор, бидејќи карактеристиките на тие патеки го барале тоа. Поради тоа, FIA одлучила на посебен начин да го следи протокот на гориво на минатогодишните трки во САД и Бразил, а тимот од Маранело на тие трки наеднаш го загуби темпото кое го красеше болидот во претходните трки.
Од друга страна, BBC пренесува дека Ferrari бил шокиран од условите на овој договор кој во моментов сеуште е тајна. Поради ова, се отвори основано сомневање во боксовите на останатите тимови околу легалноста на погонската единица на Ferrari, пред се поради фактот што FIA не сака да даде детали.