Европските брендови најавуваат поевтини електрични модели
Неколку автомобилски великани од Стариот континент ќе понудат серија базни електрични модели во наредните години
Асортиманот на електрични возила на европските брендови брзо се шири. Но, повеќето досега се фокусираа на возилата од класата Ц, додека електричните иновации во сегментот на субкомпакти и микро автомобили станаа реткост меѓу премиерите. Постојат неколку модели кои имаат одлични резултати во сегментот Б, како што се Renault Zoe или електричниот Peugeot 208, но производителите засега форсираат поголеми автомобили – бидејќи заработуваат повеќе на нив.
Но, доколку се сака уште позабрзан продор на пазарот, мора да се понудат и поевтини базни модели, сместени во сегментите А и Б. Dacia покажа дека постои огромен апетит за такви примероци со пласманот на моделот Spring. На крајот на краиштата, добар пример е и електричниот VW up, кој е најпопуларниот електричен модел во Германија, пред се поради неговата атрактивна цена.
Така, неколку европски автомобилски гиганти ќе понудат ценовно многу атрактивни модели, кои претежно ќе бидат сместени во Б сегментот и ќе бидат базни во EV портфолиото. Volkswagen на неодамна завршениот Салон за автомобили во Минхен го претстави концептот ID.Life. Овој прототип го претставува почетокот на приказната за ID.2 – субкомпактен кросовер од овој германски производител кој на пазарот треба да се појави во 2025 година.
ID.2 ќе биде долг околу 4 метри, но со пространа кабина. Се уште не е познато до до колку километри ќе може да вози со едно полнење, иако концептното издание може да се потпре на 400 километри автономија. Има и прифатлива цена – 20.000 евра за базната варијанта, или 25.000 за топ опремениот модел. Ако на тоа се додадат значителните субвенции (кои во моментов достигнуваат до 9.000 евра во Германија), тогаш овој модел може да има многу атрактивна цена од само 11.000 евра, барем за германскиот пазар.
Уште една новина во областа на помалите електрични автомобили е новата генерација на Renault 5. Новиот шеф на француската марка, Лука де Мео, одлучи да врати во живот два модели – „четворката“ и „петката“, а вториот ќе биде пониско позициониран во однос на првиот. Претходните најави велат дека „петката“ ќе излезе на пазарот во 2024 година, а производството ќе започне на крајот од 2023 година. Меѓутоа, за време на Салонот во Минхен, неколку странски портали (инаку блиски до Renault) пренесоа информации дека сериското склопување на ова возило ќе започне веќе следната година!
Францускиот бренд претходно објави дека планира да ја намали почетната цена на новиот Renault 5 на помалку од 20.000 евра! Тие планираа да го постигнат ова со одлуката да не ја користат модуларната платформа CMF-EV, туку да ја редизајнираат CMF-B архитектурата и да ја прилагодат за електрични автомобили.
И Fiat тргна по патот на електрификација. Започна со поставување на електричното издание на моделот 500, а ќе продолжи со новата генерација на Panda, која ќе се пресели во EV сегментот. Некои најави од италијанските медиуми велат дека таква Panda би можеле да видиме, иако во концептна верзија, следната година, а дека производството ќе започне во 2024 година.
Новата Panda треба да ја задржи формата на сегашниот модел, но со нешто поголем габарит, па ќе биде класифицирана во Б сегментот. Најверојатно ќе се базира на STLA Small платформата, наменета за мали, градски автомобили. Stellantis претходно изјави дека моделите кои ќе ја користат оваа архитектура ќе можат да сметаат на максимален дострел од 500 километри.
Марката од Торино засега молчи за почетната цена на следната итерација на Panda. Сепак, новинарите од Италија веруваат дека ќе биде околу дваесет илјади евра, слично како и претходно споменатите ривали.
Ако се задржи сегашното ниво на субвенции за набавка на електрични модели, тогаш сите овие наведени автомобили одеднаш ќе станат возила со прифатлива цена. Од друга страна, ако субвенциите се значително намалени, тешко дека компаниите може да се надеваат на огромни успеси во продажбата.