Намерно го одложуваат производството на хибриди и електрични автомобили за да ги продаваат дизел моделите

Автомобилските компании намерно го забавуваат производството на хибридни и електрични автомобили, за да си обезбедат поголема добивка од продажбата на старите модели на бензински и дизел автомобили. Ова се наведува во извештајот на Европската федерација за транспорт и животна средина (Т&Е).

Во извештајот се потсетува дека до 2021 година сите автомобилски производители ќе треба да опремат моделите со технологии, со кои се намалуваат емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата. Во исто време, според експертите од T&E, речиси сите компании веќе можат да произведуваат почисти возила, но намерно не го прават тоа. Причината е во нивната желба да продадат што е можно повеќе стари автомобили, особено на дизел погон, додека пазарот на глобално ниво буквално не биде преплавен од електрични и хибридни модели.

Анализата на 50-те најпродавани модели на автомобили во Европа покажала дека само 12% од нив се опремени со „чисти” технологии. Како резултат на тоа, во 2017 година, на пазарот се појавија малку нови електрични автомобили и хибриди, што според Т&Е е една од главните причини за недостатокот на значителен напредок во намалувањето на емисиите во атмосферата.

Пет пати повеќе електрични модели и хибриди се очекуваат на пазарот до 2021 година.

Пред крајот на 2018 година, само 4 од 50 најпродавани модели во Европа ќе бидат надградени. Во 2019 година 14 модели треба да бидат подложени на „зелена“ модификација, а во следната година – само 7. Од T&E тврдат дека такво одложување во пазарниот пласман на нови „чисти“ модели е свесна тактика на производителите да се зголеми продажбата на стари дизел модели. Федерацијата, исто така, ги обвинува шефовите на компаниите за измама на јавноста и регулаторите. Според експертите производителите само тврдат дека со сите сили се обидуваат да ги почитуваат законските норми, но сеуште не можат. Всушност, сите можат да го направат тоа, но намерно го одложуваат лансирањето на „чисти” автомобили.

„Автомобилски производители бесрамно, пролеваат крокодилски солзи и тврдат дека не можат да ги исполнат нормите на регулаторите. Одржуваат пропагандни кампањи за ефикасноста на дизелот и тврдат дека производството на електрични автомобили е нерентабилно. Сето ова е огромна лага!“, вели Грег Арчер, директор на Европската федерација за транспорт и животна средина.

Моделите се очекува да бидат “чисти” до 2021 година

Како одговор на овие обвинувања, шефовите на автомобилските компании експертите од T&E ги нарекоа „луѓе кои немаат основно разбирање за законите на кои почива автомобилската индустрија“, а од Европската федерација за транспорт и животна средина контрират дека производителите само лобираат за своите интереси и „очајно се обидуваат да ги убедат регулаторните органи да се откажат од планираните цели за намалување на емисиите до 2025 година. Тие само сакаат да продаваат дизел автомобили што е можно подолго“.