Европската унија (ЕУ) побарала од германскиот производител на автомобили Volkswagen да плати надомест на сите купувачи на автомобили на компанијата поради скандалот со емисиите на издувни гасови, но не само во Германија, туку и во сите земји на ЕУ

Како што пренесува „Анадолија“, во соопштението на Европската комисија е наведено дека, откако било откриено дека компанијата покажала ниски емисии на штетни гасови во 2015 година, Volkswagen одлучил да повлече 8,5 милиони возила произведени во ЕУ, со цел да ги направи потребните корекции и дека уделот на коригираните возила достигнал 80 проценти.

Сепак, нагласено е дека германскиот производител не дал целосна гаранција за проблемите што може да се појават по извршените поправки по „дизел скандалот“.

Во соопштението на „Мрежата за соработка во заштита на потрошувачите (CPC) се наведува дека Дидие Рејндер, член на Комисијата на ЕУ задолжен за правда и потрошувачки права, минатата година побарал од Volkswagen да понуди фер надомест за сите граѓани на ЕУ кои се нивни клиенти.

Потенцирано е дека деловната практика на Volkswagen во прометот со дизел возила со илегален систем за манипулација со штетните гасови ги крши законите на ЕУ за заштита на потрошувачите. Затоа е побаран надомест за клиентите низ целата Унија.

Volkswagen веќе се согласил да плати надомест но само за клиентите кои живееле во Германија за време на купувањето.

Американската агенција за заштита на животната средина во септември 2015 година објави дека Volkswagen манипулирал со тестовите за емисија на штетни гасови и дека дизел возилата на компанијата ја загадуваат животната средина над нормалните нивоа.

Признавајќи го користењето на софтверот за манипулација во тестовите за емисија на штетни гасови на приближно 11 милиони дизел возила ширум светот, Volkswagen долго време беше во центарот на вниманието на јавноста поради дизел скандалот и плати високи казни на американските и германските власти и мораше да повлече милиони возила.