Lamborghini неодамна го оживеа легендарното име Countach претставувајќи модерен наследник. Но италијанскиот производител очигледно нема да запре само на овој модел

Сите планирани примероци на Countach се веќе распродадени, а Lamborghini повторно се свртува кон своето славно минато и најавува нешто многу возбудливо. Новиот тизер видео клип, долг нешто повеќе од една минута, ги прикажува деталите на автомобил кој ќе претставува уште едно заживување на класиката од Lamborghini.

Се чини дека станува збор за прототипот LP500, модел што се појави на салонот во Женева во 1971 година, а седиштата кои се појавуваат во клипот соодветствуваат на овој модел. Можно е Lamborghini да го рекреирал прототипот или да направил специјална верзија на новиот Countach која му оддава почит со стилл на LP500. Компанијата претходно објави дека ќе произведе само 112 примероци од новиот Countach. Некои веруваат дека видеото навестува класична Miura, модел на Lamborghini кој започна со производство во 1966 година.

„Пред 50 години, тој направи пат кон иднината. Сега повторно е на пат”, е пораката цитирана во клипот. Ова уште еднаш укажува на тоа дека LP500 го слави својот 50 -ти роденден оваа година.

Без оглед на изненадувањето, тоа доаѓа во време кога италијанските производители на егзотични автомобили се борат со реалноста на се построгите регулативи и елиминирање на употребата на мотори со внатрешно согорување. Префрлувањето на целосно електрична понуда е значително потешко за Lamborghini и Ferarri отколку за некои други мејнстрим брендови. Сепак, споменатиот клип укажува и на тоа дека конвенционалниот мотор на Lamborghini продолжува да живее, барем засега.