Според најмрачното сценарио, дури 70 проценти од вработените во Hyundai би можеле да останат без своите работни места поради електричните возила, смета првиот човек на синдикатот на компанијата

Речиси сите поголеми автомобилски компании последниве години инвестира значителни ресурси во развојот на електричните автомобили, кои за неколку години (или можеби повеќе) треба да доминираат на патиштата. Во моментов овие возила се поскапи споредбено со оние на бензин и дизел, повеќето немаат голем опсег, а бројот на пумпи полначници се уште е премногу мал (особено во споредба со бензинските пумпи). Сите овие проблеми со време ќе бидат решени, а корисниците ќе можат да уживаат во возила се поекономични, потивки и полесни за одржување.

Сепак, не се сите воодушевени со потенцијалот и можностите на електричните автомобили. На пример, првиот човек на синдикатот на работници во Hyundai Motors во неодамнешно интервју за Reuters не изразува премногу оптимизам во врска со иднината на автомобилскиот пазар.

„Електричните автомобили се катастрофа. Тие се зло. Ние сме многу нервозни“, вели Ха Бу-Јанг на новинарите и укажа на некои предвидувања, според кои дури 70 проценти од работната сила на Hyundai би можела да ги загуби своите работни места како резултат на транзицијата на автомобилската индустрија од бензински и дизел мотори на електрични возила.

Тој вели дека ја чувствува кризата и го издвојува примерот на General Motors, кој неодамна го најави затворањето на фабриката во Јужна Кореја, поради „високите трошоци за работна сила и пад на продажбата“ – иако тоа нема никаква врска со електричните автомобили.

Исто така, забележува дека во три од петте фабрики на Hyundai во Улсан од некои работници е побарано да земат продолжен годишен одмор. Ова е резултат на проблемот со продажбата на постарите SUV модели како Santa Fe во САД и на други пазари, но и поради дипломатските тензии помеѓу Сеул и Пекинг, кој исто така, доведоа до пад на продажбата на најголемиот пазар во светот.