Дека превозот на патници не мора да биде голем загадувач покажува германскиот FlixBus

Во април оваа година, FlixBus стана првата компанија во светот која тестираше електрични автобуси на долги растојанија, започнувајќи го својот пилот-проект во Франција на релација Париз – Амиенс. Друг FlixBus Е-bus ќе сообраќа на релација од Франкфурт до Манхајм, а ќе користи 100% чиста енергија благодарение на соработката со Greenpeace Energy.

„Сакаме да ја обликуваме иднината на мобилноста. Иако набавната цена на E-Bus моментално е многу скапа, ние сепак сме убедени дека оваа инвестиција на долг рок ќе биде исплатлива и профитабилна како за развој на компанијата така и за нашите клиенти и животната средина“, вели Андре Швамлејн, основач и извршен директор на FlixBus.

Германскиот Flix-E-Bus ќе вози двапати дневно, запирајќи притоа на аеродромот во Франкфурт и Хајделберг на патот од Франкфурт до Манхајм. Благодарение на партнерството на FlixBus со Greenpeace Energy, автобусот ќе работи на чиста електрична енергија. Со тоа веќе во првата година од работењето емисијата на CO2 ќе се намали за 82 тони во споредба со автобус на фосилни горива, според една студија спроведена од страна на Atmosfair.

„Нашата цел е да убедиме што е можно повеќе луѓе да користат јавен превоз, да изберат да делат возење или да користат велосипеди. Не е доволно само да се префрлат на автомобили со електрични мотори“, вели Сонке Тангерман, член на одборот на Greenpeace Energy. „За возилата да учествуваат во заштитата на климата, тие мора да се напојуваат со чиста електрична енергија, а за тоа да биде можно, освен развојот на технологијата потребно е да се промени и начинот на кој луѓето гледаат на мобилноста“.

Автобусот ќе се полни еднаш или два пати на ден, како и преку ноќ на бензинска пумпа во рамките на главната автобуска станица во Манхајм или привремена станица за полнење во Франкфурт.

FlixBus партнерството со Greenpeace Energy ја обезбедува платформата за FlixBus CO2 Neutral Tickets, овозможувајќи им на патниците надомест за емисиите на јаглерод диоксид за секое патување на FlixBus низ цела Европа, а од неодамна и во САД.

Со лансирањето на E-Bus, FlixMobility во 2018 година во Германија го лансираше брендот FlixTrain кој во моментов сообраќа на релација Хамбург – Келн и Берлин – Штутгарт. За 2019 година, предвидени се нови линии, а понудата на FlixTrain се поврзува со постоечката FlixBus мрежа во Германија, овозможувајќи им на патниците избор на најдобар начин на патување прилагоден на нивните индивидуални потреби.

„Сведоци сме на два тренда кои се одвиваат во превозот на патници: од една страна луѓето стануваат мобилни, но исто така покажуваат и разбирање за последиците кои возењето на индивидуални патнички автомобили може да го има врз животната средина“, Вели Андре. Нашата мисија во FlixMobility е да обезбедиме можност за одржливи, еколошки патувања кои ќе одговорат на желбите и барањата на патниците во Европа, САД, а во иднина и други региони. Ние навистина веруваме дека удобното, едноставно и зелено патување може да биде достапно за секого“, дополнува Андре.