Електрични автомобили – никаде како во Норвешка
Електричните автомобили полека, но сигурно се пробиваат на глобално ниво, но никаде не се толку доминантно присутни како во Норвешка
За разлика од 2016 година, кога учеството на електрични и хибридни возила на автомобилскиот пазар во Норвешка бил 40 отсто, минатата година изнесува дури 52%.
Причината е едноставна – даночни олеснувања и државни субвенции. Норвешка е многу дарежлива кон купѕвачите на еколошки прифатливи автомобили, а за електричните возила се укинаа речиси сите даночни обврски, што изнесува и по неколку илјади евра годишно.
На пример, Volkswagen e-Golf во Норвешка чини околу 32.300 евра, односно 262.000 норвешки круни, што е само 2.000 круни повеќе од увозната цена на автомобилот. Од друга страна, Golf со бензински мотор чини 298.000 круни по сите даноци и такси, а увозната цена е 180.000 круни.
Поволни се и паркинзите, полнењето на автомобилите, патарините, траектите, тунелите… Неодамна, Tesla во едно норвешко село (добро читате) ја направи најголемата станица за полнење со дури 42 супербрзи полначи.
Најпопуларни еколошки автомобили помеѓу Норвежаните се Volkswagen e-Golf, BMW i3, Toyota RAV4 и Tesla Model X. Само Tesla е чисто електричен автомобил, додека други имаат и хибридна верзија.
Во другите земји, купувачите на вакви автомобили сè уште во голема мера се обесхрабрени од високата цена на возилата, ограничената автономија и времето потребно за полнење на батериите.
Целта на Норвешка е до 2025 година 100% од продадените автомобили во земјата да бидат оние со нулта емисии на штетни честички. Ова е нивната цел, иако земјата има даночна загуба од 370 милиони долари годишно поради електричните автомобили. За разлика од Скандинавците, Франција и Велика Британија планираат да ги забранат дизел и бензинските мотори до 2040 година.
Македонија за жал е една од најзагадените држави во Европа, а една од главните причини за тоа е токму застарениот возен парк кој емитира огромни количини на штетни гасови. Намерата на град Скопје за купување на електрични автобуси за ЈСП, како и субвенции за инсталирање на уреди за плин и набавка на нови автобуси кои ги задоволуваат Еуро 5 и 6 стандардите, се надеваме е само почеток на една поинаква стратегија и план за приближување кон светските трендови за нулта емисија и почиста животна околина.