Електрична офанзива на Volkswagen – 36.000 полначи низ цела Европа до 2025 година
Кога еден од најголемите светски производители на автомобили ќе се одлучи да го преориентира производството на електрични возила, зад сето тиа има сериозна стратегија и планирање
И покрај фактот дека станува збор за автомобилски гигант со голема традиција и искуство, невозможно е да се започне со масовно производство на сосема различни автомобили од конвенционалните преку ноќ. Во Volkswagen тоа го знаат многу добро и одат чекор по чекор за реализација на плановите за производство и продажба на милиони електрични возила. Еден од предусловите за масовно производство на електрични автомобили е секако развиена инфраструктура на полначи.
Токму затоа VW Group има намера да изгради 36.000 станици ширум Европа во следните 5-6 години за надополнување на батериите на електричните возила. Од овааа бројка дури 11.000 полначи треба да ги направи брендот Volkswagen.
Овие станици ќе бидат инсталирани во кругот на фабриките на германскиот производител, како и на 3.000 локации на дилерите во големите градови низ Европа.
Volkswagen сето ова ќе го имплементира преку својата инфраструктурна гранка – компанијата ELLI (Electric Life) и сервисот We Charge за дополна на погонските батерии на електричните автомобили, а инвестицијата изнесува околу 250 милиони евра.
Според предвидувањата на VW, 70 проценти од полнењето на батериите ќе се одвива во домашни услови или на локации каде што работат сопствениците на електричните автомобили. Затоа ELLI ќе понуди комплетни решенија за станици за полнење за големите компании ширум Европа, како и сопствениците на електрични автомобили кои овие полначи би ги поставиле во својот дом.
Само во кругот на фабриките во Германија, Volkswagen планира да инсталира околу 4.000 позиции за полнење на електрични возила за потребите на своите работници. Покрај тоа, германскиот производител исто така ќе понуди брзи полначи, а првите 28 станици ќе бидат поставени долж автопатиштата во Германија.
VW истоа така проценува дека околу една четвртина од дополнувањата на батерии ќе се одвива на јавни полначи. Така, преку услугата We Charge, сопствениците на електрични Volkswagen возила ќе можат да користат над 100.000 јавни полначи ширум Европа.
На крајот, германскиот авто-гигант планира да соработува со голем број малопродажни синџири и трговски центри, така што сопствениците на електрични автомобили ќе можат да ги надополнуваат батериите на нивните возила додека купуваат. За таа цел, VW веќе има воспоставено партнерство со синџирот Tesco во Обединетото Кралство.
Првиот модел на Volkswagen кој е развиен и изграден исклучиво како електричен автомобил е ID.3 кој на пазарот ќе биде достапен до крајот на годината и чија почетна цена ќе биде под 30.000 евра.