Едногласна одлука: Спринт квалификации на три F1 трки во 2021 година
Форматот на спринт квалификациите ќе се применува на три трки оваа сезона, потврди Formula 1 во понеделникот, како што објави Спорт Клуб
Според официјалното соопштение, FIA, Formula 1 и сите други тимови постигнале договор за одржување на спринт квалификации на три Гран при во 2021 година – две во Европа и една надвор од Стариот континент.
Спринт квалификациите значат дека возачите ќе се натпреваруваат во трка на 100 километри во сабота попладне, а врз основа на постигнатите резултати ќе бидат одредени и нивните почетни позиции за трката в недела.
Исто така, возачите кои ќе ги заземaт првите три места во спринт квалификациите ќе освојат бодови – победникот три, второто место две и третото место еден бод.
„Возбудени сме од можноста да ги направиме тркачките викенди уште поинтересни“, вели Стефано Доменикали, првиот човек на Formula 1. „Возачите ќе се тркаат сите три дена и тоа ќе биде неверојатно искуство. Сигурен сум дека и тие ќе уживаат во борбата. Воодушевен сум што сите екипи го поддржаа овој план, А тоа е доказ за единствениот напор да им обезбедиме на нашите навивачи нешто ново, а во исто време да го почитуваат наследството на овој спорт.
Тркачките викенди со спринт квалификации ќе започнуваат во петок, со 60-минутен тренинг. Ова ќе биде проследено со квалификации во досега познатиот формат, кога ќе бидат утврдени почетните позиции за сабота. Вториот 60-минутен слободен тренинг ќе се одржи во сабота, по што ќе следат квалификации за спринт на 100 километри. Трката, секако, на распоред е во недела.
Сè уште не е објавено каде ќе се применува овој формат на квалификации, но се споменува дека може да биде во Монца и Силверстоун.