Доделени првите AutoBest 2021 награди
Жирито на AutoBest го сочинуваат автомобилски новинари од 31 земја во Европа кои го избираат најдобриот во повеќе категории. Првиот дел од победниците е веќе објавен, додека другите, во попрестижните категории ќе бидат крунисани во наредните недели
Малиот Citroen Ami ја доби наградата „A star is born“ за најиновативен автомобил, иако е тешко да се опише Ами како таков, бидејќи сепак е возило што може да се вози без возачка дозвола. Жирито го фали концептот со посебен акцент на револуцијата во урбаната мобилност.
Добитник на наградата „Бренд на годината“ (CompanyBest 2020) според мислењето на жирито е Škoda. Нагласени се напредокот на Škoda во Европа, растот на продажбата во изминатите неколку години, како и диверзификацијата на портфолиото со примена на најнови технологии поврзана со системите за активна безбедност.
Наградата „Најдобар дизајн“ (DesignBest 2020) е доделена на Френк Стефенсон, човек кој работеше на многу познати автомобили како што се: Maserati MC12, Ford Escort RS, BMW X5, Mini и Fiat 500. Наградата SmartBest 2020 е доделена на JLR, за нивниот нов инфо-забавен систем Pivi Pro.
Наградата „SafetyBest“е доделена на Toyota Yaris, бидејќи тоа е првиот автомобил од Б сегментот кој нуди централно воздушно перниче на предните седишта. На крајот, во сегментот „SportBest“ за победник е избран Тото Волф, човекот кој го предводи тимот на Mercedes во Formula 1.
За главната награда Best Buy Car of Europe за 2021 година во игра се новите Citroen C4, Honda Jazz, Peugeot 2008, Seat Leon, Škoda Octavia и Toyota Yaris. Победникот ќе биде објавен кон средината на декември откако ќе бидат направени последните тестирања.