Во Европа, продолжува трендот на намалување на продажбата на автомобили со дизел мотори

Во првата половина од 2018 година, на Стариот континент се продадени 3,12 милиони автомобили со дизел мотори, што е за 16% помалку во однос на истиот период во 2017 година, според Reuters.

Во првите шест месеци од тековната година, пазарот на дизели во Европа има пазарен удел од само 36,5%, додека во првата половина од 2017 година тој изнесувал 42,5%.

Во некои големи европски земји, каде што се продаваат неколку милиони автомобили годишно, пазарниот удел на возилата со дизел е уште помал. Така, во Обединетото Кралство во периодот јануари-јуни 2018 година изнесувал 30%. Во Германија, еден од најголемите производители на автомобили со дизел мотори, продажбата на нови дизелаши изнесува само 31,1% од вкупната продажба. За споредба, во првите шест месеци од 2017 година, уделот на пазарот во Германија изнесувал 41,3%.

Повеќе од три децении, Европа е најголемиот светски пазар за дизел возила, но во последно време трендот на пад на продажба на автомобили со дизел мотори е очигледен.

На ваквиот тренд влијание имаат неколку фактори, меѓу кои и дизел скандалот на Volkswagen во 2015 година, кога овој германски автомобилски гигант беше фатен во измама при мерењето на издувните гасови. Покрај тоа, властите во некои големи европски метрополи, вклучувајќи ги и Берлин, Лондон и Париз, објавија дека ќе забранат движење на возила со дизел мотори поради зголеменото загадување на воздухот во урбаните области.

Конечно, на падот на продажбата на автомобили со дизел мотор допринесуваат и самите производители кои почнаа да ја намалуваат понудата на модели кои се напојуваат со дизел гориво, а некои дури и целосно ги исфрлаат дизел верзиите од својата гама или повеќе не вложуваат во развој на нова генерација на дизел мотори.