Porsche официјално го заврши производството на сите дизел верзии како одговор на изменетите услови на тргување, како и затегнување на регулативите за емисии на штетни гасови

Германскиот производител одлучил да го прекине производството на последните два модели со дизел мотори: Macan S Diesel и Panamera 4S Diesel. Овoj чекор се презема само девет години по воведувањето на дизел моторите во Porsche гамата.

Првиот чекор кон целосно откажување на брендот од дизел технологија е одлуката новата генерација SUV моделот Cayenne на пазарот да се појави без избор на дизел мотор. Оригиналниот Cayenne во 2009 година, беше првото возило на компанијата кое ги воведе дизел моторите во гамата на Porsche.

Во официјалното соопштение, од Porsche велат дека Macan S Diesel, единствената верзија во рамките на брендот која може да се нарече ривал на Range Rover Velar, практично е симната од палетата на производи, поради желбите на клиентите, кои масовно се насочиле кон бензинските и хибридни верзии.

Компанијата исто така соопштува дека напуштањето на дизел-технологијата, има врска и со „друга софтверска иновација“, која била предмет на „специјални консултации со властите“. Иако не е директно потврдено, тоа значи дека Porsche се откажува од понатамошни модификации на дизелот, со цел да се усогласат со стандардите за емисија WLTP.

Ваквиот потег, фрла нова светлина врз намалувањето на побарувачката за овој модел, за кој Porsche Велика Британија, тврди преку својот портпарол, претставува само мал дел од пазарот на SUV, кој брои продадени 97.000 примероци во текот на 2017 година, на глобално ниво. Macan за рестилизација е планиран веќе во април оваа година.

Истата оправданост за одлуката за укинување на дизелот е презентирана и во случајот на Panamera 4S Diesel, кој е изоставен од плановите за идни модификации, на почетокот на оваа година.

Porsche тврди дека промената била условена од намалената побарувачка за укинатата верзија, којашто сочинувала само 15% од вкупно 11.000 продадени Панамери низ целиот свет. Бензинските врзии достигнале цели 35% од вкупната продажба, додека останатите 50% се однесуваат на Panamera 4 E-Hybrid.

Анонимни извори од Porsche, велат дека тоа што, во моментов, нема ниту еден дизел модел, не значи дека Porsche се откажал од дизел технологијата „засекогаш“. Првиот човек на Porsche, Оливер Блум минатата година изјави дека „дизелот не е толку важен за Porsche“, додавајќи дека продажбата на возила од гамата на компанијата, кои користат дизел мотори, е на ниво од само 15% од вкупната глобална продажба, која најмногу се однесува на Европа.

За разлика од бензинските мотори, Porsche никогаш немал развиено свој дизел мотор, туку користел агрегати развиени во некои други оддели на Volkswagen групацијата. Porsche ги стопираше сите инвестиции во развојот на дизел технологија уште од минатата година, а заштедените пари ќе бидат пренасочени кон истражување и развој во областа на електрификација.

Како резултат на оваа одлука, следната година ќе биде произведен Porsche Mission E, додека хибридната верзија на моделот 911 (992) ќе биде на пазарот во 2019 година.