Дискретно освежување за Opel Insignia / ФОТО
Opel објави фотографии од рестилизираната Insignia која премиерно ќе биде претставена на претстојниот саем за автомобили во Брисел
Велат, она што е убаво и она што функционира добро не се менува, а до тоа очигледно се придржувале во Opel при рестилизацијата на Insignia. Особено ако се земе во предвид дека тековната втора генерација на моделот на пазарот е присутна две години.
Низ процесот на рестилизација поминале лимузинската Grand Sport и караванската Sports Tourer верзии, додека редизајн на Country Tourer верзијата следи нешто подоцна.
Кога станува збор за дизајнот на надворешноста на автомобилот за моделната 2020 година најзабележителни на промените на предната страна, каде дискретно се редизајнирани решетката на ладилникот, фаровите и браникот. Нешто подискретен е редизајнот на задниот дел, каде што промената е воочлива кај браникот, а нов е и издувот.
Од Opel наведуваат дека овие измени се направени со цел Insignia да добие по купеовска форма.
Германскиот производител не објави фотографии од ентериерот, но се вели дека автомобилот сега е опремен со нов безжичен полнач за смартфони, како и подобрен мултимедијален систем.
Детали за моторизацијата исто така не се откриени, така што останува нејасно дали Opel има направено какви било промени и во тој поглед.
Повеќе информации ќе бидат достапни во јануари, кога е закажана официјалната премиера, а Insignia за 2020 година во јавност за првпат ќе биде прикажана на Саемот за автомобили во Брисел од 10-19 јануари следната година.