Каков и да биде исходот од трката во Абу Даби, пред нас е историски ден поради улогите на двајцата возачи во една од најлудите сезони во историјата на Formula 1

По осум месеци, 21 трка дојде денот за одлука кој ќе биде овогодинешниот шампион во Formula 1. Пред големото финале, Макс и Луис се изедначени по бројот на освоени бодови, а Холанѓанецот е оној кој ќе стартува од пол-позицијата на последната трка сезонава.

Пред финалната пресметка на патеката „Јас Марина“, Верстапен и Хамилтон имаат по 369,5 бодови, што значи дека кој од нив ќе постигне подобар резултат ќе стигне до шампионската титула. Во случај да бидат изедначени по бројот на бодови, што може да се случи доколку ги заземат деветтото и десеттото место, а полошо пласираниот го освои бодот за најбрз круг, титулата поради повеќе победи оди кај Верстапен. Возачот на Red Bull во досегашниот тек од сезоната девет пати беше на највисокото скалило на подиумот, додека бранителот на титулата славеше осум пати. Рака на срце, постои уште една варијанта во која и двајцата би завршиле со ист број бодови и повторно, поради поголемиот број победи титулата би ја понел Верстапен – да се судрат и двајцата да не ја завршат трката, нешто што најмалку го посакува секој вистински фан на најбрзиот циркус во светот.

Каков и да биде исходот од трката во Абу Даби, пред нас е историски ден поради улогите на двајцата возачи во една од најлудите сезони во историјата на Formula 1. Верстапен ќе се обиде да ја освои својата прва титула и да стане првиот холандски шампион во Formula 1, а 34-ти во историјата. За Хамилтон влогот е осма титула со која би го престигнал Михаел Шумахер со кој моментално го дели рекордот, и со тоа да се зацементира на позицијата најтрофеен возач во историјата, кога ќе се погледне бројот на титули, победи и пол-позиции.

Низ историјата, одлуката за шампионот во последната сезонска трка паднала 29 пати во 71 сезона, а последен пат пред пет години, кога Нико Розберг стигна до тронот победувајќи го Хамилтон со пет бодови разлика. Последен пат пак кога двајца возачи биле рамноправни по бројот на бодови пред последната трка е во далечната 1974 година, кога за тронот се бореле Емерсон Фитипалди во Lotus и возачот на Ferrari, Клеј Регакони. Победник во тој дуел е Бразилецот кој по втор пат во кариерата станува шампион (првата титула ја освојува во 1972 година) благодарение на четвртото место, доволно со оглед на тоа што Регакони имал проблеми со управливоста на болидот поради што паднал во поредокот и воопшто немал реални шанси.. На крајот разликата меѓу двајцата била три бода.

Што се однесува до големото финале кои ни претстои (денес, недела 14.00 часот), Верстапен се погрижи решавачката трка да ја дочека од најдобрата позиција со фантастичен круг, во кој некако се „извади“ за грешката од една недела претходно во Џедах. Младиот Холанѓанец, оваа година триумфираше шест пати кога стартуваше од пол-позицијата, а сите квалификации ги заврши меѓу првите тројца, што е секако импресивно. Она што може да биде проблем за него е фактот што ќе биде принуден да стартува со средно тврди гуми, што не е стратегијата кон која се стремеле викендов во Red Bull, а се разликува од онаа што ќе ја има Mercedes.

Сето ова значи дека ќе имаме борба на патеката, но и во боксовите за тоа кој тим ќе донесе правилна одлука кога е најдобро да се оди по нови гуми, и дали еднаш или двапати. Она што е сигурно е дека ниту Верстапен ниту Хамилтон нема да можат да сметаат на мала помош од пријателите – нивните тимски колеги – бидејќи Ландо Норис во McLaren ги изненади сите со освојувањето на третото стартно место, но Холанѓанецот и овде е во нешто подобра позиција. Причината за тоа е што Серхио Перез го освои четвртото место, додека Валтери Ботас ќе биде само шести на стартот, зад Карлос Саинс Јуниор во Ferrari.

Покрај битката за титулата, во центарот на вниманието сосема заслужено ќе биде и Кими Раиконен, иако стартува само од 18-та позиција. Светскиот шампион од 2007 година ќе ја вози последната трка во кариерата, низ која стана рекордер со 348 стартови (денес 349-ти). Зад своето име има 21 победа, вкупно 103 пати на подиумот и 18 пол-позиции.

Извор: Sportklub.rs