Давиде Бривио е новиот шеф на одделот за трки во Alpine
Потврдата дека поранешниот шеф на MotoGP тимот на Suzuki, Давиде Бривио, е новиот шеф на одделот за трки во Alpine, доаѓа директно од компанијата
Тој ќе го предводи тимот и во хиерархијата ќе биде веднаш под извршниот директор на Alpine, Лорент Роси.
Неговото доаѓање во тимот е дел од планот за промена на раководството на тимот откако беше преименувано од Renault во Alpine, а започна со заминувањето на Сирил Абитебул.
Аlpine сè уште не потврдил кој ќе го наследи Сирил на местото прв човек на F1 тимот, но се очекува тоа да биде Марчин Будковски.
Пристигнувањето на Бривио во Alpine го потенцираше извршниот директор на Renault, Лука де Мео. Тој и Бривио се познаваат уште од времето кога Бривио беше шеф на тимот на Yamaha MotoGP тимот од 2002 до 2010 година. Fiat беше главен спонзор на Yamaha од 2007 до 2010 година, а тогаш шеф на маркетингот на Fiat беше токму Лука де Мео.
„Пред мене е нов професионален предизвик. Дојде одеднаш, но на крајот го прифатив. Ова беше тешка одлука“, вели Бривио. „Најтешко ми беше да го напуштам одличниот тим на Suzuki и луѓето со кои работев откога Suzuki се врати во MotoGP. Од таа страна, јас сум тажен, но во исто време сум и доста мотивиран од новиот предизвик пред мене“, заклучува Бривио.
Минатата година, Бривио беше една од клучните луѓе во походот на Suzuki кон првата тимска титула во MotoGP по 20 години.