Дали овој автомобил е потенцијално идеалното решение за градски превоз? / ВИДЕО
За овогодинешното издание на Салонот за автомобили во Женева, кој започнува за две недели, францускиот Citroen подготвува еден потенцијално одличен модел, иако во компанијата го нарекуваат „нешто“
Станува збор за концептот Ami.
Оваа автомобилска играчка има електрично „срце”, што укажува на тоа дека станува збор за евентуална алтернатива за јавниот транспорт, но и личниот, бидејќи е наменето за градските метежи. Може да прими само двајца патници и може да се вози без возачка дозвола, ако возачот има 16 години или повеќе.
Овој миниавтомобил користи електрична батерија која обезбедува 100 километри автономија. Не е лошо, со оглед на „конструкцијата“ од 2,50 метри и висина од 1,50 метри. Полнењето на батеријата може да се направи на јавен полнач или по пат на Wallbox (домашен полнач) за околу два часа.
Тркалата се 18 инчи, а Ami One може да вози со максимални 45 km/h.
Што се однесува до внатрешноста, сè е во исклучително минималистички стил, па дури и инфо-екранот.
Од Citoren не се изјаснуваат дали концептот ќе се претвори во сериски производ, но ако и биде, истиот ќе биде целосно во согласност со европските регулативи од 1-ви јануари.