Nissan ја модифицираше интерната политика со која се уредуваат прашањата на корпоративното управување, еден месец по апсењето на првиот човек на групата, како и неговиот најблизок соработник Грег Кели, кој со плаќање на кауција од 640.000 американски долари, е ослободен да се брани од слобода

Како дел од ревидираната внатрешна политика, јапонскиот производител го преиспитал и начинот на кој се однесува кон вкрстената сопственост во капиталот со своите деловни партнери. Како што е познато, Renault е најголемиот акционер во Nissan, додека од друга страна, Nissan е втор по големина учесник во капиталот на француската компанија. И двете компании имаат малцински удел во германскиот Daimler.

Nissan соопшти дека го задржува дискреционото право да се ослободи од блокови на акции што ги поседува во своето портфолио, што значи дека менаџментот на компанијата ја остава вратата отворена за евентуалната одлука за продажба на акциите на Renault и Daimler.

Ова соопштение, Nissan го објави вчера, а веројатно и не случајно, бидејќи канцелариите на европскиот партнер се затворени поради божиќните празници. Исто така, промената во политиката на јапонската компанија доаѓа во време кога Renault го покани Nissan да одржи дискусија за прашања поврзани со корпоративното управување. Агенцијата Bloomberg веќе објави дека Nissan собира пари за да влезе со поостри позиции во приказната за решавање на тензиите со Renault.

Потегот на Nissan, со што се отвораат повеќе прашања отколку што се нудат одговори, може да значи подготовка на јапонската компанија за продажба на уделот во партнерските компании, особено имајќи ги на ум дијаметрално спротивните ставови во врска со обвиненијата против Карлос Гон. Додека Nissan веднаш го отпушти Гон по избивањето на аферата, Renault назначи заменик, без да го отстрани Гон.

Портпаролот на Nissan не излезе во јавноста со дополнителен коментар, што е обврска наметната со правилата на Токиската берза, каде што котираат акциите на компанијата. Логично, никој е на работа за време на Божиќ во Renault, додека портпаролот на Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi Motors не почувствува потреба да коментира за случајот.

Пазарната вредност на акциите на Renault, кои ги држи Nissan, изнесува околу 2,8 милијарди американски долари, додека Renault поседува акции на јапонскиот производител вредни околу 14 милијарди долари.

Новата политика на Nissan бара раководството да разгледа „поседувањето на акции на други компании води кон напредокот на среден или долг рок, и дали тоа се одразува правото на глас на прифатлив начин“. Сосем е јасно дека акцентот е на неможноста за користење на гласачкото право врз основа на сопственоста на акциите во француската компанија. Покрај тоа, претходно важечката политика на Nissan, воопшто не се осврнувала на прашањето за учество во капиталот меѓу компаниите.

„Ние ќе ги истражиме сите опции, вклучувајќи и продажба на акциите, но ако се покаже дека е рационално поседувањето на конкретниот удел во некоја компанија, не е исклучено да се направи ваков чекор“, парафразирано, се вели во новата политика на компанијата.

Сега за сега, барем декларативно, сите страни ја истакнуваат аспирацијата за опстанок на Алијансата. Сепак, се чини дека се е само приказна за јавноста, барем во овој момент.