Извршниот директор на VW смета дека по воведувањето на регулативата Еуро 7, цената на моделот со внатрешно согорување може да се зголеми и до 5000 евра

Škoda би можела да биде принудена постепено да го укине моделот Fabia во 2025 година, четири години по дебито на сегашната генерација, кога треба да стапи во сила регулативата за емисии Еуро 7, бидејќи неопходните промени би ја направиле неодржливо поскапа.

Во изјава за Autocar, извршниот директор на Škoda, Клаус Зелмер, признава дека со Еуро 7 во сила, нема да биде можно Fabia да остане ценовно прифатлив модел. Дури и по неодамнешните поскапувања на автомобилите, Škoda Fabia во Германија започнува од 18.300 евра, останувајќи еден од ценовно најприфатливите модели во сегментот.

Зелмер верува дека новата регулатива ќе ги зголеми цените, што ќе ја направи Fabia недостапна за купувачите.

Додека Европската комисија го проценува дополнителниот трошок на само 304 евра по возило, групацијата VW мисли поинаку. Минатата година, главниот извршен директор на Volkswagen, Томас Шафер, изјави дека цената на моделите со погон на внатрешно согорување кои мора да се усогласат со прописите Еуро 7 може да се зголеми за дури 5.000 евра.

„Нема смисла Škoda да продолжи да ја продава Fabia ако таа стане поскапа од претстојниот целосно електричен мал SUV со почетна цена од околу 25.000 евра. Истото важи и за VW Polo, кој се соочува со закана од целосно електричниот ID.2 со слична големина, кој се очекува во 2025 година“.

Еуро 7 регулативата стапува во сила од јули 2025 година за сите нови автомобили и лесни комерцијални возила. Регулативата бара 35% помали емисии и 13% помалку честички од издувните цевки во споредба со сегашната регулатива Еуро 6, плус додавање на електрично греени е-катализатори и вграден дијагностички систем кој постојано ќе ги следи емисиите.

Производителите на автомобили се борат да ја одложат оваа промена, која во негативна смисла најмногу би се одразиле на помалите и попристапни сегменти. Во овој контекст, Зелмер вели: 

„Ние сакаме да ја почитуваме климата, но ако сегашниот нацрт заживее до 2025 година, ќе треба да имаме технологија во автомобилите што или сè уште не е развиена или е толку скапа што автомобил кој чини 15 илјади евра, ќе чини и до 20 илјади евра“.

Неговиот аргумент е дека ако новите автомобили станат толку скапи, ќе биде тешко да се продадат бидејќи луѓето повеќе би сакале да ги задржат своите постари возила кои повеќе ја загадуваат околината. Извршниот директор на Škoda додава: 

„Мораме да седнеме заедно и да имаме добар план, кој е добат за сите: и за потрошувачите и за климата“.