Дали е ова новиот VW Golf 8?
Иако во последно време се појавија неколку фотографии од камуфлиран VW Golf 8, деновиве протекоа и првите фотографии кои целосно ја откриваат „осмицата“
Како и претходните две генерации така и осмата наликува на претходните и јасно покажува дека станува збор за Golf, но сепак е доволно различен за уште на прв поглед се заклучи дека станува збор за новата генерација.
VW Golf е без конкуренција најпопуларниот автомобил во Европа веќе неколку децении. Моделот кој за прв пат е лансиран во 1974 година, постојано поставува нови стандарди, отсекогаш бил хечбек кој мора да се има, па дури и кога не бил најдобар во својата класа (Mk3), сепак бил модел кој ривалите сакале да го надминат.
Новиот Golf се базира на надградена верзија на платформата на која е поставена седмата генерација, а наречена MQB Evo.
Покрај тоа што ќе биде полесен за 45 килограми, ќе има и малку подолго меѓуоскино растојание од сегашната верзија, што донесува поголем простор во патничкиот простор, а веројатно и во делот за багаж.
Се разбира, се очекува сосема нов ентериер, голем број на безбедносни и технолошки системи и многу веројатно полуавтономен систем за возење.
Volkswagen во јануари минатата година најави дека производството на Golf 8 ќе започне во јуни 2019 година, а во понуда се очекуваат голем број на 3-цилиндерски и 4-цилиндерски турбо-бензински и турбо-дизел агрегати, како и хибридна варијанта.
Со текот на времето се очекува GTI верзија, уште еден владетел во својата класа, која, најверојатно, ќе користи 2.0-литарски 4-цилиндерски турбо бензински мотор со 300 КС, а тоа доведува до уште помоќен Golf R.