Германските власти: „Ова е вон секоја памет. Вакво егзибициско возење во редовен патен сообраќај е едноставно неприфатливо и опасно“

Германското Министерство за транспорт (BMDV) го критикувала егзибициското возење во кое чешки тајкун го возел својот Bugatti Chiron на јавен автопат со 417 km/h и сето тоа го снимал.

На видеото објавено на интернет претходно овој месец се гледа како Радим Пасер го вози својот хиперспортски автомобил до екстремни брзини на делот од германскиот автопат А2 меѓу Берлин и Хановер.

Под видеото, Пасер напишал дека се е снимено минатата година на рамна делница од 10 километри со три ленти и одлична видливост по целата должина.

„Безбедноста беше приоритет, така што околностите мораа да бидат сигурни“, напишал тој.

Но, во делот на автопатот каде што тој возел, возеле и други возила и не било ден туку се стемнувало, како што може да се види на видеото.

Иако добар дел од германската автопат мрежа сè уште нема ограничување на брзината, Министерството за транспорт во средата соопшти дека „таков брутален начин на возење во редовниот патен сообраќај е едноставно неприфатлив и опасен бидејќи може да ги загрози сите учесници во сообраќајот“.

„Сите учесници во сообраќајот мора да ги почитуваат правилата на прописите на патниот сообраќај“, се додава во соопштението, цитирајќи ја првата клаузула од германскиот закон за патен сообраќај, која вели дека „секој што е вклучен во сообраќајот мора да се однесува на таков начин што нема друго лице да биде повредено, загрозено. или вознемирено”.

Министерството истакнува дека законот, исто така, бара од возачите „да возат само толку брзо што возилото е постојано под контрола“.

Во редовен сообраќај едноставно нема место за вакви егзибициски возења.

Пасер, кој според Forbes е 33. најбогат човек во Чешка со богатство од 6,6 милијарди чешки круни (308 милиони долари) напишал:

„Му благодариме на Бога за безбедноста и добрите околности, бидејќи успеавме да достигнеме брзина од 417 km/h”.

Партијата на зелените, сега помал партнер во германската коалициска влада, повика на ограничување на брзината од 130 km/h на целата Autobahn мрежа во минатогодишната изборна кампања, како дел од напорите за намалување на емисиите на јаглерод. Но таа идеја беше отфрлена на разговорите за формирање нова влада …