И покрај тоа што повеќето земји ги објавуваат датумите за воведување забрана за продажба на нови автомобили со погон од фосилни горива, Чешка остро се противи на ова.

Според предлогот на Европската унија, продажбата на нови автомобили со погон на бензин или дизел треба да биде забранета од 2035 година, а тоа на Чешка воопшто не и се допаѓа. Самиот чешки премиер Андреј Бабиш изјави дека се противи на планот на ЕУ.

„Нема да се согласиме со воведување забрана за продажба на автомобили на фосилни горива. Тоа не е можно. Не можеме да се согласиме со она што зелените фанатици планираат во Европскиот парламент”, вели Бабиш за локалниот медиум iDnes.

Чешка ќе го преземе претседателството со Европската унија од втората половина на 2022 година, а тогаш предлогот за забрана ќе биде еден од приоритетите, нагласува Бабиш. Тој додава дека ќе ја поддржат имплементацијата на инфраструктурата за електрични возила, но нема да го поттикнуваат производството на електрични возила, пренесува Auto News.

Како потсетување, Чешка е многу зависна од автомобилската индустрија. Иако има десетина милиони жители, во однос на населението е еден од најголемите производители на автомобили во светот. Во моментов автомобилската индустрија учествува со една третина од чешката економија. Покрај Škoda, присутни се Toyota и Hyundai.