Областа на соработка помеѓу двата германски гиганти и големи ривали ќе биде развојот на самовозечки автомобили

Стратешкото партнерство има за цел истражување и развивање на технологија која ќе овозможи таканаречено Ниво 4 на автономно возење, односно управување кое значи преземање на контролата од страна на компјутерот без учество на возачот. Сепак, таквото автоматизирано возење не е возможно во урбана средина, туку само на отворен пат, па затоа возачот и понатаму ќе може да ја преземе контролата над возилото, или ќе мора да го стори тоа во одредени ситуации.

Германските марки објавија дека на овој проект ќе работат повеќе од 1.200 инженери и првите резултати ги очекуваат да бидат подготвени за имплементирање во автомобили кои на пазарот ќе се појават по 2024 година.

Од BMW и Daimler велат дека нивното партнерство е отворено и за други производители кои сакаат да учествуваат во развојот на автономна технологија. Слично партнерство, иако проширено и во други области, наскоро треба да биде објавено од страна на Ford и Volkswagen.