Баварскиот производител објави фотографии и технички детали за хибридната верзија на новата Серија 3

По спортскиот M340i, BMW ја претстави и еколошки прифатливата верзија 330e. Овој модел ја комбинира најновата BMW eDrive технологија со 2.0-литарски 4-цилиндерски турбо бензински мотор.

Бензинецот произведува 184 КС (135 kW), а електричниот мотор 68 КС (50 kW) со можност накратко , кога е потребно во текот на возење, да испорача дури 109 КС (80 kW). Овие екстра 41 КС електричен мотор се добиваат благодарение на новата XtraBoost фунција која е достапна во Sport режимот на возење. Вкупната комбинирана моќност на погонскиот систем на автомобилот е 252 КС, додека максималниот вртежен момент е 420 Nm. Со опцијата XtraBoost, моторите испорачуваат вкупно 293 КС.

Моќта на тркалата се пренесува преку 8-степенски автоматски менувач Steptronic.

Од германскиот производител велат дека новиот 330е може да помине и до 60 км ако за погон се користи само батеријата, што е за 50% поголема автономија во електричен режим отколку кај претходниот модел. Максималната брзина во чисто електричен режим е 140 km/h.

Фабрички декларираната просечна потрошувачка на гориво во комбиниран циклус до 2 l / 100 km со емисија на јаглерод диоксид од само 39 g/km.

BMW 330e има завидни перформанси. Од 0 до 100 km/h автомобилот забрзува за 6 секунди, пред да достигне максимум 230 km/h.

Производителот наведува дека пакетот литиум-јонски батерии (12 kWh) е сместен под седиштата, а резервоарот за гориво над задната оска, со што употребливиот капацитет на багажникот е малку помал од оној кај стандардната „тројка“ или 375 литри.