Менаџментот на Volkswagen планира британскиот производител Bentley, да го стави под директна контрола на управата на Audi, објави Automobilwoche. Според тоа, Audi станува матична компанија на Bentley

Bentley во моментов е под надлежност на Оливер Блуме, како шеф на Porsche, во согласност со одлуката на управата на Volkswagen. Сепак, од следната година, британскиот бренд ќе стане дел од Audi, повторно во согласност со желбите на извршниот директор на групацијата VW, Херберт Дис, кој верува дека на овој начин ќе се реализира поцелосниот деловен потенцијал на аристократската, островска марка. За изнесените наводи, редакцијата на Automobilwoche се повикувa на извори во компанијата, кои за жал не се именувани.

Првичната синергија ќе се постигне, според плановите на првите луѓе на германскиот концерн, со користење на нова платформа за новиот SUV од брендот Bentley, и со употреба на технологија развиена од Audi. 

Volkswagen, кој одбива да ја коментира оваа приказна, во моментов ја разгледува одржливоста на најпрестижните брендови во своето портфолио. Така, под знак прашање е и судбината на Lamborghini, Bugatti и Ducati.