Со оглед на трендовите и растот на клиенти за кросовер и SUV моделите во однос на седан и хечбек моделите, природно е да се очекува дека некои традиционални автомобилски сегменти во блиска иднина едноставно ќе исчезнат

Малиот автомобилски сегмент каков што го познаваме – со мали 3- и 4-цилиндерски мотори со внатрешно согорување – веројатно ги живее последните години, со оглед на индикациите од различни производители на автомобили од каде велат дека ќе ги пензионираат своите преставници во овој сегмент во следната деценија. Audi е еден од последните производители кој потврди дека неговиот основен модел ќе биде укинат.

Во интервју за Automotive News, извршниот директор на Audi, Маркус Дусман, потврдува дека А1 ќе замине во пензија по сегашната генерација. Тоа не мора да значи дека нема да има мал модел со ознака Audi, но нема да има мотор со внатрешно согорување. На прашањето дали претстојниот европски стандард Еуро-7 ќе означи крај за А1 и А3, Дусман вели: 

„Многу ќе зависи од крајната цел на Еуро-7. Знаеме дека во иднина ќе биде доста тешко да се понудат мотори со внатрешно согорување во помалите сегменти, бидејќи трошоците ќе растат. Затоа нема да имаме наследник на А1. Доколку новите правила на Еуро-7 не бидат премногу строги, тие ќе ни овозможат да инвестираме повеќе во е-мобилноста“.

Уште во февруари, Audi навести можно укинување на А1 кога објасни дека електрифицирањето на малите автомобили е скапо и економски неисплатливо. Кога за заврши производството на А1, Q2 најверојатно ќе стане почетна понуда на Audi, бидејќи производителот на автомобили „можеби нема да прави ништо помало“.