По објавата на Ford од пред неколку денови дека нема да понуди дизел мотори во своите патнички автомобили за американскиот пазар, кон оваа одлука сега се приклучува и General Motors, кој објави дека 2019 година ќе биде прва и последна кога таквата технологија била во понуда

Пред околу една година, најголемиот американски производител дебитираше со новиот 1.6-литарски турбо дизел мотор за моделите Chevrolet Equinox и GMC Terrain, а планот подразбираше понудата да биде проширена и на други модели подоцна. Сепак, еден од топ директорите на компанијата, Стјуарт Фаул, вели дека повеќето купувачи се одлучуваат за бензин, па затоа дизелот ќе има рекордно кратка кариера.

Освен тоа што во Америка бензинот е поевтин од дизелот, се верува дека причината лежи и во цената на самите автомобили. На пример, најевтиниот Equinox со дизел мотор и ознака LT чини 32.495 долари или 2.400 американски долари повеќе во споредба со бензинската варијанта. Дизелот воопшто и не е достапен во основниот модел, така што задоволството на купувачот всушност чини 3.700 повеќе. Тука е и проблемот со моќта, односно само 137 „американски“ коњи, додека значително помоќниот 2.0-литарски турбо бензински мотор со 255 коњски сили чини само 100 долари повеќе.

GMC минатата година продал 114.314 бензински теренци, а само 3.045 потрошувачи се одлучиле за дизел. Продажбата на Chevrolet Equinox со дизел мотор не е позната, но вкупната продажба на овој кросовер достигнала до ново од 332.618 единици.

General Motors ќе продолжи да нуди дизели во комерцијалнитe комбиња и пикапи, но сето ова значи дека Америка официјално останува без дизел мотори во патничките автомобили за 2020 година. Рака на срце,  свое учество со дизел понуда има најавено Mazda за една година подоцна со CX-5, но ова задоволство ќе биде достапно само со најскапиот пакет на опрема (42.045 долари).