Активистите за заштита на животната средина им објавија војна на „џиповите“ во Лондон
Голем број автомобили се „будат“ со издишани гуми
Целосната забрана за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување е сè уште далеку од реализација, но претставниците на различни еколошки организации во Велика Британија очигледно не сакаат да чекаат. Резултат на тоа е „лов“ на големите теренци по улиците на Лондон, протестирајќи на тој начин против лошиот квалитет на воздухот во големите градови.
Во превод, голем број теренци и кросовери во Лондон во утринските часови сопствениците ги пречекуваат со издишани гуми. За среќа на сопствениците, гумите не се исечени или прободени, туку само е испуштен воздухот од нив низ вентилот. Активистите лепат и налепници на шофершајбната на автомобилите со кои ги повикуваат сопствениците повеќе да пешачат, да возат велосипед или да користат јавен превоз.
Екологистите тврдат дека само во 2019 година, во Велика Британија починале повеќе од 4.000 луѓе од загадување на воздухот предизвикано од автомобилите. Ова се резултатите од студијата спроведена од научници од Универзитетот Харвард, Кралскиот колеџ во Лондон и универзитетите во Лестер и Бирмингем. Во студијата се наведува дека „загадувањето на воздухот од согорувањето на фосилните горива како што се јагленот и дизелот е одговорно за околу еден од пет смртни случаи ширум светот“.
Властите во Лондон веќе прават сериозни обиди да го ограничат сообраќајот – воведуваат данок за емисии на CO2 и воведуваат зони со ултра ниска емисија. Дополнително, во центарот на главниот град е воведена наплата за влез. Целосната забрана за бензински и дизел автомобили во Велика Британија треба да стапи на сила во 2030 година.