Работниците во фабриката заборавиле да ги исчистат пиштолите за боја откако бил нанесен белиот основен слој …

Розовата не е една од боите кои често може да се видат на патиштата, а голем проблем е доколку се обидете да му доставите таков автомобил на клиент кој го нарачал своето возило во, на пример, црна или сива боја.

Ford во конфигураторот за својот електричен Mustang Mach-E нема предвидено розе боја. Но… компанијата извести дека по грешка еден примерок е произведен токму со таа боја. Грешката се случила во 2020 година во фазата на претпродукција на електричниот спортски автомобил. Инженерот Алексис Агилар, кој работи во фабриката на Ford во Куaтитлан во Мексико, тоа и го потврдува со слики на својот Facebook профил – очигледно не без дозвола на Ford.

Не станува збор за саботажа, туку за човечка грешка. Работниците во фабриката заборавиле да ги исчистат пиштолите за боја откако била нанесена основната бела боја. Веднаш потоа во резервоарите била вметната црвена боја, па комбинацијата на двете бои довела до розе верзија.

Розев Mustang беше еден од моделите кои брендот ги користеше во претпродукцискиот период за тестирање на квалитетот. Штетата не е голема бидејќи се работи за претпродукциски модел, кој е демонтиран по тестирањето.