FCA понуди 50:50 спојување со Renault
Понудата за спојување на двете компании е испратена од страна на раководството на FCA, а од вчера се разгледува во француската компанија
Според предлогот, доколку се формира заеднички субјект, тој би реализирал продажба од 8,7 милиони возила годишно, со силно присуство во сите клучни светски региони. Покрај тоа, со споделување на технолошки решенија и оптимизација на расходите би можело да се заштеди до 5 милијарди евра годишно, оценуваат стручните служби на италијанско-американскиот конгломерат.
Притоа, челниците на FCA инсистираат на познати околности, односно на „широко и комплементарно портфолио на марки, од луксузни до големо сериски“.
За економистите и автомобилските ентузијасти, можеби најинтересниот дел од понудата за спојување е дека двата гиганти во автомобилската индустрија би формирале холдинг-компанија во Холандија, од даночни причини, а по исплатата на 2,5 милијарди евра на име посебна дивиденда на акционерите на FCA, секој ентитет би добил по 50% од капиталот на новата холдинг-компанија.
Се чини дека притисокот врз автомобилските производители се повеќе расте, особено во однос на електрификацијата, се построгите стандарди за емисии и примената на нови скапи технологиии пред се во областа на конективноста и автономното возење.