Осум електрични модели со автономија поголема од 350 километри
Овие модели во моментов се единствените кои со едно полнење можат да поминат над 350 километри
Покрај, сега за сега, високата цена, најкритичната спецификација поврзана со електричните автомобили е автономијата со едно полнење. Купување на електричен автомобил кој нуди доволен оперативен домет секако ќе донесе насмевка на вашето лице поради нултата емисија и заборавањето на тоа што значи да се посети бензинска пумпа, но од друга страна може да донесе и солзи затоа што батеријата може да „испушти душа“ токму таму каде што не треба.
Американците во просек возат околу 65 километри на ден, барем според податоците на Министерството за транспорт, па затоа дури и оние електрични автомобили со најмала автономија се чинат практични (за 2019 тоа е EQ Smart fortwo со автономија од 90 километри).
За среќа, технологијата на батериите брзо се развива, а производителите на автомобили се борат да го зголемат дострелот на нивните возила на електрична енергија. За моделната 2019 година има група од осум модели кои можат да поминат повеќе од 350 километри со едно полнење. (Официјалната проценка на автономијата на сите електрични модели може да се најде на веб страната на EPA).
Прогнозата е дури и „порозова“ за 2020 година и потоа, бидејќи се најавени нови модели кои може да надминат 500-650 километри со едно полнење. Од Tesla велат дека новиот Roadster, предвиден за 2020 година, ќе може да помине дури 1.000 километри и притоа до стотка да забрзува за само 2 секунди.
Сепак, треба да се има на ум дека номиналната автономија се определува во лабораториски услови, под строго контролирани услови. Токму од оваа причина, автономијата во реален сообраќај може многу да варира, а всушност тоа е потенцијалниот проблем за сите сопственици на овој тип на автомобили.
Како пример, транспортот на тешки предмети, возење со поголема брзина, возење со гуми со притисок во нив понизок од потребното, возење по нагорнина… сето тоа може да придонесе за брзо празнење на батеријата. Исто така, возењето по автопат со отворени прозорци или кровен прозорец го зголемува воздушниот отпор, што секако има негативно влијание врз автономијата. Никако не треба да се заборави дека пониска температура на воздухот значи и помалку поминати километри.
Како и да е, ова се осумте автомобили за моделната 2019 година кои можат да поминат повеќе од 350 километри.
Nissan Leaf + / 360 километри
Станува збор за долгоочекуваната „+“ верзија со проширена автономија – 360 наспроти 240 километри во стандардната верзија. Во продажба влегува оваа пролет.
Jaguar I-Pace / 375 километри
Ова е првото електрично возило на Jaguar. Станува збор за динамичен и подвижен SUV со средна големина, кој може, според фабричките процени, да помине 375 километри со едно полнење. Со 400 КС, до стотка забрзува за 4,6 секунди.
Chevrolet Bolt EV / 385 километри
Како што стојат работите, Chevrolet Bolt EV ќе биде единствениот електрифициран модел на брендот. Има солидна автономија, но од оваа пролет ќе почне да ги губи владините субвенции.
Audi e-tron / 400 километри
Оваа пролет, Audi ќе дебитира со целосно нов електричен модел со погон на сите тркала. Станува збор за луксузен SUV со очекувана автономија од 400 километри. Не очекувајте да биде евтин, но сепак ќе биде престижен и моќен.
Hyundai Kona Electric / 415 километри
Новиот модел за 2019 година, електрифицираниот компактен кросовер ќе може да помине малку повеќе од 400 километри со едно полнење, а во САД ќе чини помалку од 30.000 долари (со вклучена еднократна субвенција).
Tesla Model X / 475 километри
Продажбата на големиот Tesla SUV цвета, првенствено благодарение на трендот на автомобилскиот пазар за зголемена побарувачка на модели со зголемен клиренс. Атрактивниот Model X со врати во стилот на „крила на галеб“ може да мине повеќе од 475 километри во верзијата 100D и 465 километри во верзијата P100D. Што се однесува до Tesla, федералните субвенции САД истекуваат оваа година.
Tesla Model 3 / 500 километри
Компактниот седан на Tesla се продава како „алва“. Адекватно именуваниот Long Range модел е лидер во семејството со автономија од 500 километри. Средно позиционираниот (поевтин) модел може да мине 420 километри.
Tesla Model S / 540 километри
Се разбира, на прво место е Model Ѕ во верзијата 100D.