Mitsubishi го следи Nissan: „Корпа“ за Карлос Гон
И вториот јапонски производител одлучи дека Карлос Гон повеќе не може да биде на позицијата претседател откако беше уапсен во Токио на почетокот од минатата недела под сомневање за погрешно прикажување на неговиот приход и злоупотреба на средствата на компанијата
По Nissan, чиј што Управен одбор минатата недела едногласно одлучи да го разреши Карлос Гон од функцијата претседател на телото, слична одлука донел и Mitsubishi Motors. Функцијата претседател на компанијата, наместо Гон привремено ќе ја врши извршниот директор на Mitsubishi, Осама Масуко.
По оваа одлука, францускиот Renault останува единствената компанија во Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi којa го задржа Карлос Гона на местото претседател и по апсењето во Јапонија.
Инаку, Карлос Гон стана претседател на Mitsubishi во 2016 година, кога Renault-Nissan купи 34% од акциите на овој јапонски производител на автомобили.
Потсетуваме дека, покрај Карлос Гон, во Токио беше уапсен и еден од директорите на Nissan, Грег Кели, а јапонската компанија, исто така, го отпушти по веста за апсењето. И двајцата сеуште се во притвор кој им е продолжен до 30-ти ноември.
Аналитичарите предвидуваат дека по апсењето на Гон, ќе се разгори борбата за превласт помеѓу Renault и Nissan. Имено, Nissan, чија продажба е речиси 60 отсто повисока од Рено, сè уште е во подредена позиција во таа алијанса. Renault поседува 43 отсто од сопственоста во Nissan, додека Nissan поседува само 15 отсто од француската компанија, без право на глас во одлучувањето.