Сите автомобили од 2030 година ќе треба да користат електрична енергија како погонско гориво, додека автобусите и камионите ќе може да користат природен гас

Израелското Министерство за енергетика објави дека по 2030 година во оваа земја ќе биде забрането да се продаваат нови автомобили кои ќе користат дизел или бензински мотори. Од Министерството за агенцијата Reuters велат дека низ целата земја ќе бидат изградени повеќе од 2.000 места за полнење на електрични автомобили, додека употребата на природен гас е наменета за камиони и автобуси.

Во изминатите неколку години, Израелците имаат пронајдено големи количини на природен гас на своја територија, и затоа не е изненадувачки што ова гориво се нуди како алтернатива.

Владата на Израел планира да ги минимизира даноците за електрични автомобили, како и да обезбеди разни бенефиции за нивните сопственици. Проценките велат дека до 2025 година на улиците на Израел ќе има околу 177.000 електрични возила, а таа бројка би се зголемила до 1.5 милиони по 2030 година.

Планот за автомобилите е само дел од еден поширок проект од страна на државата која планира целосно да ја отстрани употребата на бензин, дизел и јаглен на своја територија. Стратегијата предложена од Министерството за енергетика сé уште не е донесена, но се очекува дека тоа ќе се направи до крајот на тековната година.