Штрајкот против Роналдо во Fiat не успеа
Против трансферот на Португалецот протестирале точно пет лица
Минатата недела веста дека работниците на Fiat планираат да организираат штрајк по повод трансферот на Кристијано Роналдо во Јувентус, успеа да ги „запали“ социјалните медиуми во светот. Штрајкот против трансферот на Португалецот беше организиран од еден од помалите синдикати во италијанскиот производител на автомобили, но на почетокот на протестот се појавиле само петорица.
Штрајкот требаше да почне во фабриката во Мелфи во јужна Италија, каде за Fiat работат 1700 луѓе и се произведуваат Fiat 500Х, Punto и Jeep Renegade.
Портпаролот на FCA протестот го нарече „неуспех“ и додаде дека во случајот Синдикатот USB воопшто нема право да се претставува дека ги претставува работниците. И Јувентус и Fiat Chrysler се под контрола на семејството Ањели. Големите синдикати во FCA најавија дека нема да го поддржат овој штрајк и го опишаа како „обид за привлекување на вниманието“.
Продажбата на Роналдо од Реал во Јувентус за 100 милиони евра беше договорена на 10 јули, откако стана јасно дека Португалецот има желба да го напушти клубот од Мадрид.