Volkswagen Touareg „ќе гледа и ноќе“
Благодарение на термална камера, возачите ќе можат ноќе и во услови на слаба видливост да воочат пешаци, велосипедисти и поголеми животни на патот, на растојание од 10 до 130 метри пред својот автомобил
Употребата на термички камери во автомобилската индустрија не е новина. Некои, пред сè, премиум производителите веќе ја користат оваа технологија во своите возила за да им помогнат на возачите во услови на слаба видливост, а особено ноќе, за ноќе да забележат пешак или животно на патот и на време да избегнат несреќи.
Оваа технологија исто така се употребува и во тестните самовозечки автомобили.
Новина е тоа што Volkswagen за прв пат ќе ја користи камерата во новиот Touareg, кој својата светска премиера ја имаше оваа пролет во Пекинг.
Термалната (инфрацрвена) камера се наоѓа на предната страна на автомобилот и е во состојба да го открие инфрацрвеното (топлинско) зрачење што го емитираат луѓето и животните.
Камерата „го покрива“ она што неможат долгите светла на возилото, а во Volkswagen велат дека е во можност да регистрира присуство на пешаци, велосипедисти или поголеми диви животни на растојание од 10-130 метри.
Кога ќе детектира човек на патот, системот е во состојба да ја предвиди и траекторијата или насоката на движење на пешакот / велосипедистот, и дали оваа траекторија го пресекува патот на движење на автомобилот.
Информациите и предупредувањата за возачот се добиваат преку приказ на дигиталниот дисплеј кој во новиот Touareg ја менува класичната инструмент-табла.
Така, на пример, кога пешак или животно се надвор од замислениот коридор кој го завзема патот, тие на дисплејот (кој прикажува црно-бела слика од термалната камера) се означени со жолта боја. Кога објектот ќе влезе во коридорот на патот или неговото движење неминовно води кон тоа, пешакот или животното добиваат црвена боја како знак за предупредување.
При брзини на автомобилот од над 50 km/h, веднаш штом системот ќе ја забележи оваа опасност, инструмент-таблата автоматски вклучува слика од термалната камера на која е означен пешак или друг објект на патот.
Ако возилото се движи побавно од 50 km/h, наместо приказ од термалната камера се активира визуелно предупредување во форма на црвено светло на таблата со инструменти. Во случај автомобилот да е опремен со head-up дисплеј, ова предупредување се појавува и на него.