По солидните постигнувања на првата трка во саботата, разочарувачки втор ден и втора трка за македонските претставници на патеката Пол Рикар во Франција на стартот од Европскиот TCR шампионат

Во квалификациите за првата трка, Игор Стефановски успеа да постави второ време, но по детални анализи, судиите „направија“ корекција, па така нашиот најдобар возач беше приморан трката да ја започне од 11-та позиција. Сепак, Иџе одлично ја извозе целата трка и со неговото Hyundai i30 N на крајот успеа да стигне до солидното седмо место.

Вториот Македонец во ова натпреварување, Виктор Давидовски и покрај проблемите во квалификациите, извозе сосема солидно, ако се земе во предвид дека за него ова е прво искуство на вакво официјално натпреварување, и со неговата Honda Civic Type R на крајот стигна до 16-то место од 25 натпреварувачи.

Победник на првата трка од Европскиот TCR шампионат беше српскиот возач Душан Борковиќ, кој стартуваше од пол-позицијата, а друштво на пиедесталот му правеа Унгарецот Даниел Наѓ и Шпанецот Микел Аскона.

За жал, втората трка од стартниот викенд во Европскиот TCR шампионат, не доби посакуван епилог за македонските претставници. На исклучително влажната патека Пол Рикар во Франција, Игор Стефановски излета од патеката, а Виктор Давидовски се повлече предвреме.

Игор Стефановсвки во обид да стигне до подобра позиција, шеста во тој момент, по контактот со Милер, се излизга и удри во заштитната ограда крај патеката. За среќа Иџе помина без посериозни повреди, што неможе да се каже и за автомобилот кој е доста оштетен. Поради овој инцидент, трката беше 20-тина минути во прекин пред рестартот. За жал, по излетувањето на Стефановски, од трката се повлече и вториот македонски возач, Виктор Давидовски.

Одличен викенд за Србинот Душан Борковиќ кој победи и на втората трка откако стартуваше од десеттата позиција. Како втор трката ја заврши домашниот возач Верне, а место на пиедесталот си обезбеди и Унгарецот Наѓ.

Следните две трки од Европскиот TCR шампионат се закажани за 20 и 21 мај и патеката во холандскиот Зандворт.