Како што стојат засега работите, до крајот на тековната сезона, сепак на некои трки, се враќаат „грид“ девојките

Некои традиции сепак не се рушат така лесно. Една од овие традиции се „грид“ девојките покрај секој возач на патеката пред почетокот на секоја трка. Оваа практика беше означена како сексистичка последниве години, што ги натера првите луѓе на Formula 1 да донесат одлука за укинување на оваа традиција почнувајќи од оваа сезона.

Сепак, според изданието Motorsport, „грид“ девојките се уште ќе се појавуваат на некои од трките од оваа сезона. Главната ќе биде трката за Големата награда на Монако, чии организатори имаат поголем степен на автономија од другите, односно не зависат премногу од претставниците на Formula 1. Тие инсистирале девојките да останат дел од спектаклот и оваа сезона.

Но, Монако можеби и нема да биде единствената трка. Се тврди дека организаторите на трките во Сингапур и Русија, исто така, лобираат „грид“ девојките да останат дел од декорот.

„Вистината е дека Русинките се преубави, а ако ги нема, сите ќе бидат лишени од голема убавина“, вели Сергеј Ворбојев. Тој, ги споменува и децата кои треба да ги заменат девојките и вели дека тие природно немаат ништо против нив, но дека имаат многу креативни опции и дека сè уште бараат вистинско решение.

„За публиката, ова е тема за која се дискутира, а тоа е голем проблем и за спонзорите“, вели тој.