Каде електричните автомобили се најмалку застапени: Причината е едноставна!
На развиените пазари за автомобили во Европа, како Германија, секој шести продаден автомобил е електричен, а во Норвешка нивниот удел достигна речиси 80 отсто од вкупниот број продадени автомобили. Сепак, тоа не е случај низ Европа, особено не во Македонија
Во северна Европа, електричните автомобили често се прв избор при купување автомобил, додека на југот на овој континент речиси и немаат забележлив удел во продажбата. Новите податоци на Европската асоцијација на производители на автомобили – ACEA покажуваат колку е крајно нерамномерна дистрибуцијата на електричните автомобили во Европа. Дали има логична причина за ова?
Попустите и стимулациите при купување електрични автомобили се првите аргументи и причини за забрзаниот пробив на електричните модели. Благодарение на државниот еколошки бонус во Германија, уделот на регистрации на електрични автомобили во моментов е 17,8 отсто, а секој шести нов автомобил е без емисија.
Слична е ситуацијата и во Велика Британија (16,6 отсто) и во Франција (13,3 отсто), додека во некои случаи, процентите се уште значително повисоки во корист на електричните автомобили, па така во Данска (20,8 отсто), Холандија (23,5 отсто), Шведска (33 отсто), додека јасен лидер во Европа е Норвешка со 79,3 отсто удел на електричните автомобили.
Од друга страна, сосема поинаква слика може да се види во Италија, Шпанија, Полска и особено во Југоисточна Европа. Така, секоја година во Италија се регистрираат 1,3 милиони нови автомобили (четврто место во Европа). Сепак, само 3,7 отсто од тој број минатата година биле електрични автомобили или секој 27-ми нови автомобили. Со 813.000 нови автомобили годишно, Шпанија е на петтото место на европскиот пазар, но уделот на електричните автомобили е само 3,8 отсто од таа бројка.
Очекувано, во земјите од Југоисточна Европа електромобилот е уште помалку распространет, па Словенија има удел од 4,9 отсто, Унгарија: 4,2 отсто, Бугарија и Кипар: по 3,5 отсто, Хрватска: 3,2 отсто и Грција: 2.7 проценти. Назад се Чешка (2 отсто) и Словачка (1,8 отсто), каде што само еден од 50 нови автомобили таму има електричен погон. Босна и Херцеговина, со практично само неколку продадени електрични автомобили годишно, сè уште не е дел од таа статистика, исто како и Македонија на чии патишта, според некои анализи, сообраќаат нешто над 150 електрични автомобили.
Така, во вкупниот просек на ЕУ, исклучиво електричните автомобили сочинуваат само 12,1 отсто од сите новорегистрирани автомобили. Има и хибриди со удел од 9,4 отсто, додека речиси 80 отсто од сите нови автомобили се уште имаат мотор со внатрешно согорување.
Причината е едноставна – полнење
Недостигот на стимулации за купување не е единствената причина. Имено, во многу земји со низок удел на електрични возила има субвенции слични на оние во Германија, додека во некои случаи се и повисоки. Од друга страна, во Чешка и Словачка нема ни евроценти стимулација.
Сепак, основната причина за малиот удел на електричната енергија во продажбата е мрежата за полнење. Грција, на пример, имала точно 0,06 отсто од сите европски полначи во 2021 година. Значи само еден од 1.700. Слична е ситуацијата во Полска, Чешка и Словачка. Во Македонија, има некое раздвижување на тоа поле, но сеуште е далеку од потребното.
Заклучокот е едноставен: ако не можете да наполните електричен автомобил, нема ни да купите.